Невакцинирана држава

Ние и понатаму остануваме неимунизирана земја со неизвесна иднина, токму, меѓу другото, и поради фактот што и по 30 годни сѐ уште не сме во можност, како држава, да застанеме во одбрана на здравјето на нејзините граѓани.

Она што најмногу ме иритираше за време на режимот на Никола Груевски беше леснотијата со која нас, граѓаните, нѐ третираа како малоумни, надевајќи се дека секоја нивна глупост ќе ја прифатиме, безусловно. Од тоа дека спомениците од проектот Скопје 2014 се за да се истакне богатата македонска историја, а не за да се исперат милионски суми буџетски средства преку исплата на баснословни авторски надоместоци и повеќекратно повисоки цени за изработка на спомениците (за кои злодела, патем, уште никој не одговарал), па сѐ до прес-конференцијата на која тогашниот (веќе „разголен“) премиер нѐ убедуваше дека жолти комбиња се движат низ државава и снимаат разговори. Тоа поигрување со интелигенцијата на граѓаните скапо го чинеше сега веќе азилантот и бегалец Груевски.

Се потсетив деновиве на тој период, кога сегашниот премиер Заев, пред целата македонска јавност, изјави дека „имало предност во тоа што доцнеле вакцините против ковид-19, бидејќи сме ги виделе предностите и слабостите“ што се јавиле во земјите кои вршеле масовна имунизација. Не знаев дека Велика Британија и Израел, на пример, се експерименталните земји во кои масовно се вакцинира населението, со цел да се изготват клинички испитувања за потребите на Македонија за да може македонските граѓани потоа безбедно да примат вакцини.

Поигрување со интелигенцијата

Зошто не е извлечена поуката дека со интелигенцијата на граѓаните не треба да се поигрува? Некој што размислува со своја глава, ќе си го постави прашањето: Чуму тогаш изјавата на Заев дека комуницирал дури и со претставници на странски тајни служби за да обезбеди вакцини за граѓаните? Нели се овие изјави, дадени во кус временски интервал, контрадикторни една на друга? И зошто неспособноста да се обезбедат доволни количини на вакцини за да започне масовна имунизација на населението се обидува да се прикрие со вакви евтини трикови? Дали навистина премиерот мисли дека некој ќе му поверува, дека тоа што не сме се вакцинирале е дел од мудрата стратегија на нашето раководство? Фактите, сепак, зборуваат нешто друго. Кога во Србија бројот на вакцинирани граѓани го надмина вториот милион, Македонија ги доби првите 24.000 вакцини од КОВАКС-системот, исто онолку колку што доби и Косово.

Една од теориите за настанување на државите вели дека тие се создаваат врз основа на општествен договор, во кој граѓаните дел од својот суверенитет и го отстапуваат на државата, со цел таа да преземе дел од обврските значајни за сите нејзини граѓани. Здравството и здравствениот систем се еден од тие сегменти. Државата е должна да се грижи за здравјето на своите граѓани! Тоа треба да биде врвен приоритет на секоја држава, по принципот: Здрави граѓани – здрава држава, болни граѓани – болна држава. Но, грижата за здравјето на граѓаните треба да излезе од декларативните изјави во програмите на политичките партии и од парола, во моментите кога тоа е потребно, да прерасне во ефективна и ефикасна државна политика. Пандемијата на вирусот ковид-19 е токму една таква состојба, во која државата, пред сѐ, треба да застане во одбрана на здравјето на граѓаните. Нашата држава падна на тој испит. Единствено огромната пожртвуваност на здравствените работници е таа која успеа некако да го одржува здравствениот систем да не се распадне.

Неизвесна иднина

И токму во моментите кога здравствените работници, на крајот од своите сили, требаше веќе пополека да го гледаат крајот од тунелот, односно во моментот кога државата требаше да обезбеди вакцини со цел да отпочне процесот на масовна  имунизација на населението, во јавноста се појавија многубројни шпекулации за тоа како течела постапката за набавка на вакцините. Од тоа дека за набавка на кинеските вакцини, наводно, се одело преку фирма посредник, иако тоа кинеските власти категорично го одбиле, па сѐ до тоа дека целокупната авансна сума што била вратена од кинескиот производител, била уплатена на сметката на производителот на вакцината „Астра-Зенека“, токму во моментите кога се појавија контроверзни случаи со смрт на лица што ја примиле оваа вакцина. Во предвечерието на одбележувањето на триесетгодишнината од прогласувањето на независност на државава, човек ќе помисли дека е поминат периодот на „детските болести“ во процесот на формирање на една самостојна држава.

За жал, тој заклучок не важи и за Македонија. Ние и понатаму остануваме неимунизирана земја со неизвесна иднина, токму, меѓу другото, и поради фактот што и по 30 годни се уште не сме во можност, како држава, да застанеме во одбрана на здравјето на нејзините граѓани. Некако, тие последни во Европа ќе успеат да ги добијат своите вакцини, но она што нема да може да се добие, тоа се вакцини против неспособност, криминал и корупција, вакцини против поставување на личните интереси на прво место, вакцини против неплаќање данок и немање на чувство за градење на едно заедничко, здраво општество. Овие вакцини, за жал, нема да ни ги обезбеди никаков КОВАКС-систем. Нив треба да ги развиеме, испитаме, произведеме и аплицираме ние самите и само тогаш кога ќе бидеме имуни од овие „вируси“ ќе може да градиме здрава држава.

Во спротивно, граѓаните ќе го раскинуваат својот општествен договор со Македонија и својата иднина ќе ја бараат на друго место или на сличен начин ќе бараат да се вакцинираат во соседните земји, кога нивната сопствена земја е неспoсобна тоа да им го пружи.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот