
Невакцинираните деца утринава влегоа во градинките
„Слободен печат“ праша и во ДСЗИ и во Министерството за здравство дали градинките имаат примено официјален допис од ДСЗИ или од Министерството за труд и социјала да не примаат невакцинирани или делумно вакцинирани деца, но оттаму нема одговор. Прашавме и кога се очекува на терен реално да почне да се спроведува препораката од Комисијата за заштита на населението од заразни болести, но и на тоа прашање не добивме одговор. Прашавме и кој е задолжен да ги контролира приватните градинки, но и на тоа прашање нема одговор.
Досега нема официјален допис од Државниот здравствен и санитарен инспекторат дека невакцинираните деца не смее да се примаат во градинките, ниту пак наредба од која било институција, па градинките ги примаат децата кои се нецелосно вакцинирани или воопшто не се вакцинирани против пертусис, во услови кога во Скопје од 8 февруари е прогласена епидемија.
Препорачано
„Со особено внимание ги следиме сите упатства околу состојбата со ширење на голема кашлица и се придржуваме кон нив. За сите деца во градинката веќе е направен преглед, кое дете е целосно или делумно имунизирано. Во оној момент кога ќе добиеме официјален допис ќе преземеме конкретни чекори за непримање деца што се делумно вакцинирани. Ве молиме да ги ажурирате картоните за имунизација и истите да им се достават на учителките во групата“, гласи едно известување до родителите на деца во градинка во скопската општина Карпош.
„Слободен печат“ праша и во ДСЗИ и во Министерството за здравство дали градинките имаат примено официјален допис од ДСЗИ или од Министерството за труд и социјала да не примаат невакцинирани или делумно вакцинирани деца, но оттаму нема одговор. Прашавме и кога се очекува на терен реално да почне да се спроведува препораката од Комисијата за заштита на населението од заразни болести, но и на тоа прашање не добивме одговор. Прашавме и кој е задолжен да ги контролира приватните градинки, но и на тоа прашање нема одговор.
Најавено е само дека од денеска ДСЗИ ќе почне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана во градинките на прием на деца кои не се целосно вакцинирани со вакцината против голема кашлица. На здравствениот инспекторат му требаше еден месец додека да добие одлука од министерот за здравство доктор Илир Демири да врши вакви вонредни надзори и забрана за прием. Но, градинките уште не постапуваат по ова, бидејќи и тие сакаат да бидат заштитени од тужбите на родителите кои се против вакцинацијата, антивакциналните движења кои се активни и организирани со правни тимови.
Досега Државниот здравствен и санитарен инспекторат има изрекувано само казни врз основа на контролите што ги правеле на вакциналните пунктови, кога ќе добиеле информација дека некое дете ги нема примено сите дози или пак е целосно невакцинирано со Ди Те Пер вакцината. Овие нивни мерки не го решаваат проблемот, затоа што родителите или се согласуваат да ги платат паричните казни и продолжуваат да не го вакцинираат детето, или пак тужат.
– Имаме доста казнувано. Како што вакциналните пунктови ни ги испраќаат списоците на родители со име и презиме на децата, со лични податоци, ги повикуваме родителите на порамнување. Како завршуваат овие казни е побитно прашање. Дел од родителите ја плаќаат казната, но детето останува невакцинирано. Има родители што не сакаат да ја платат казната, па судот им дава опомена и плаќаат судски трошоци, изјави минатата недела директорката на ДСЗИ, доктор Рената Младеновска.
Уште на 9 февруари Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија, а два дена претходно Комисијата за заразни болести препорача во градинките да не се примаат невакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината.
„Слободен печат“ се обрати во Министерството за труд и социјална политика со прашања дали тие досега имаат забрането некое невакцинирано дете да посетува градинка и добивме одговор дека контроли се прават, ама нивните инспектори, за разлика од оние на Здравствениот инспекторат – не се лекари. Тие одат, прегледуваат дали родителот кога го запишувал детето во градинка приложил и вакцинален картон. А дали сите вакцини внатре се примени, ниту проверуваат, ниту пак знаат како да утврдат бидејќи не им е работа.
Во земјава досега се регистрирани 123 заболени лица со голема кашлица од кои 109 случаи се во Скопје.
Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.
На 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава. Тие ќе бидат наменети само за возрасните што живеат во семејства со деца под 2 години, вработените кои работат со деца под 2 години, како и жените бремени во третиот семестар од бременоста.