„Неутралците“ и алгоритамот на моќта

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

„Секој од нас е важен“ не се празни зборови, инаку не би се (зло)употребувале на секој чекор. Ако не се сфати и прифати ова, тогаш пасивноста и заблудите се додаваат на победничкото конто на уништувачите на демократијата.

Едноставно, во денешниот свет нема место за неутрални и неопределени. Секој човек на оваа планета што остава некаква електронска трага зад себе, па нека е и од платежна картичка на која легнува пензијата или социјалната помош, нека е тоа и матичен број, патна исправа или умреница – има употребна вредност во денешниот свет. И мртвите се употребливи!

Нема да бидам Магелан ако „откријам“ дека, на најразлични начини, секој од нас е мета на софистицираните маркетинг војни што се одвиваат во виртуелниот и реалниот свет. Политиката и бизнисот отсекогаш биле во единство, нема дилеми. Ова не е обид за утврдување на разликата меѓу општествените, правните и политичките концепти на Истокот и Западот. Се работи за неопходниот избор, да се биде свесен и активен или да се биде „блажен“, што значи да се биде во заблуда.

За жал, во балкански контекст, резултатот често е ист, со таа разлика што свесните се често и најнесреќните. Но, ни тоа не е никаква новост. Може многу да се напише и во посебно четиво за тоа дека, на крајот, резултатот е ист: профитот завршува кај најголемите и најмоќните. Суштината е во тоа, колку ќе успееме да се избориме за малите парченца слобода на небото покриено со видливи и невидливи (бодликави) жици.

Пасивноста на еден е успешна акција на друг. Самоизолацијата и незаинтересираноста се, всушност, освоена територија на која се градат вредностите на едно грдо и мрачно општество во кое владее страв и потчинетост. А постојано зборуваме за потребата од граѓанско учество што е, велат, една од основните одлики на демократијата. Како да го објасниме граѓанското учество, а тоа да не биде како во здодевен учебник, туку да биде од животот што го живееме вистински? Тоа ви е слично како кога во партиите ве повикуваат да им носите предлози за ова, идеи за она, да „истрчате“ во корист на партиската агенда, само регулирано со закон и не во корист на партиите, туку во корист на општеството. Партиите корумпираат на штета на демократијата, а граѓанското учество е одбрана од корупцијата во корист на демократијата.

За разлика од партиите, институциите имаат обврска да постапат во интерес на сите граѓанки и граѓани, особено кога тие директно се вклучуваат во процесите. Кога институциите користат дупка во законот во корист на моќниците, може да се побараат измени за да се спречат злоупотребите. И сето тоа може да биде бавно, исполнето со безбројни пречки и интриги, блокади и корупција, бескрајни процедури намерно поставени за да се откажете. Но упорните, на крајот, победуваат. Го знае ли ова некој, верува ли? Уште поважно прашање, верува ли воопшто некој во демократија? Остана ли таков? Ако одговорот на овие прашања е негативен, тогаш е време само уште да го згаснеме светлото и да си купиме по еден ковчег, од поевтините.

Се согласувам, невладините организации (фолиранти) со децении верглаат за граѓанско општество и партиципативна демократија, но изгледа како да си зборуваат во носот. Деновиве треба да започнеме една посебна, долга и мачна приказна, за (не)довербата, како во партиите, така и во ен-ве-оата, за затвореноста, ароганцијата (самобендисаноста) и корупцијата…

Како и да е, граѓанското учество во општествените процеси и во донесувањето на одлуки најчесто почнува и завршува зад пултот за гласање. Во меѓувреме, агитпроп-машинериите и маркетинг-агенциите го навигираат животот и ги цицаат умовите и џебовите на „обичните смртници“. А му го мелат умот и како на гласач, терајќи го да мисли дека сам одлучува во таа една прилика кога учествува во некаков процес.

„Обичните смртници“ најчесто избираат да живеат во духот на заостаната провинција, да чекаат некакво решение, ни сами не знаат какво, од некаде одозгора, нешто како господ или велесила. Можеби многумина знаат што е потребно за ова општество да стане нормално, но полесно им е препуштањето на удобноста што ја даваат замаеноста и лудилото.

И, откако ќе утврдиме дека нема господ или нема намера да помогне, ги молиме странците да одат по кратките патеки по кои дома сигурно не би оделе. На крајот, им ја препуштиме судбината на грабливци и тапоглавци во политиката, во чиј ентураж се патолошки случаи што дивеат по интернет-порталите и социјалните мрежи. Така, грабливците ќе уживаат во својата моќ, дури и кога се во опозиција, сѐ додека сите други уживаат во својата самонаметната беспомошност.

Алгоритамот на моќта ги вклучува сите, и мртвите и живите, за него тоа е сеедно, исто како што му е сеедно дали луѓето се пасивни и не прават ништо или се палат како млади мајмуни на манипулациите и лагите на агитпроп-машинериите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот