Неуставни се свечените изјави на штипските советници, оценува Инспекторатот за локалната самоуправа

Фото: МИА

Свечените изјави без уставното име што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, е заклучокот на инспекторите од Државниот инспекторат за локалната самоуправа. Решението опомена до градоначалникот на Општина Штип и до претседателот на Советот е пристигнато попладнево.

Според она што го пишува во решението, советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени.

Свечените изјави треба да се усогласат со Уставот бидејќи тој е највисок правен акт кој произведува супериорно правно дејство и сите закони и прописи мора да бидат усогласени со него, пишува меѓудругото во Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Со решението на Инспекторатот опомени заработија градоначалникот Иван Јорданов и претседателката на Советот Весна Карагунова-Кожинкова. Следен чекор е потпишаните свечени изјави без уставното име да се повлечат, а на наредна седница да се потпишат нови со уставното име. Такви насоки доби службата на Советот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Душко Иванов вели дека очекува да го види решението, кое до службите пристигнало доцна попладне, по што ќе имаат координација и ќе го кажат својот став како понатаму ќе постапат согласно добиеното решение од Државниот инспекторат. За в понеделник е закажана и трета седница на Советот, на којашто треба да се носи и ребаланс на буџетот.

Доколку мнозинството советници не постапи согласно добиеното решение од Инспекторатот во рокот кој им е даден, во тој случај можат да се соочат и со мерката „забрана за прописи”. Ова ќе значи целосна болокада на работата на Советот на општината.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот