Неуспешен обид да се симне од дневен ред точката за преименување на улиците

Градските советници од опозицијата, на денешната седница на Советот, не успеаја да ја тргнат од дневен ред точката за промена на имињата на улиците, плоштадите и мостовите.

Ирена Мишева, поранешната претседателка на Советот, Јелена Жугиќ, Ерџан Селими, Светлана Колариќ се дел од советниците кои го образложуваа ваквиот предлог.

-Направена е грешка. Се прашувам како може да се предложени само две имиња од значење за Ромите и нивниот идентитет. Процентуално во Скопје има 4,63 посто Роми, нема правичност и соодветност, барам да се прошири листата, рече Селими.

Советничката Јелена Жугиќ смета дека промената на имињата на улиците ќе повлече финансиски импликации за промена на адресите на живеење, а исто така ќе биде проблематично за функционирање на поштенските услуги и такси превозот.

– И во времето на ВМРО се менуваа имиња на улици, но за да се исправи неправдата, бидејќи улицата Македонија се викаше Јосип Броз Тито. Живееме во пандемија, свесни сме колку фискални импликации ќе има набавката на нови табли, фирмите ќе треба да менуваат адреса. Јас предлагам да се направи јавна расправа, да се консултираат релевантни институции, како Институтот за историја. Има тенденција да се избрише историјата, не сакам да верувам дека тоа е идејата, но се поставува и тоа прашање. Мора да се почитуваат македонските дејци, книжевници, државници, рече Жугиќ.

Во текот на расправата за да се тргне од дневен ред точката за промена на имињата на улиците беше истакнато дека требало да се побараат идеи и предлози од граѓаните за изградба на улици, булевари и болници.

– Нема новоизградени објекти за да им треба име, а од друга страна добивме листа со имиња кои ја подгреваат меѓуетничката нетрпеливост. Го нема зип лајнот, тунели под Кале, го нема мостот помеѓу Кисела Вода и Аеродром. Ако се изградеа овие ветени проекти можеби ќе имаше потреба за нови имиња, рече Светлана Колариќ.

На тоа се огласи и градоначалникот Петре Шилегов.

-Мислам дека треба на дебатата да и дадеме правилна насока. Намерно се изнесуваат невистини. Двајца членови од комисијата се од ВМРО-ДПМНЕ, но избраа да не присуствуваат на работата на Комисијата. Донесувањето на предлог листата за дополнување на имињата на улиците и плоштадите не значи дека ќе бидат променети имињата на постојните улици, ова е регистар за нови улици, ќе имаме нови 570 имиња, а потоа ќе почнеме со промена на имињата. Не мора да значи дека токму името на булеварот Борис Трајковски ќе биде променето, рече Шилегов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот