„Неупатениот“ новинар на „Слободен печат“ со одговор до таткото на Марко: Родители не седат мадро, децата „носат модро“

Колумната на новинарот на „Слободен печат“, Милорад Стојмановски, насловена како „Што знае Mарко што се 64 километри?!“ денеска предизвика вистинска бура во јавноста. Освен што е најчитана, таа поттикна многу дебати на социјалните мрежи, а на нашиот веб сајт пристигнуваат и многу коменатри со поддршка на ставовите на Стојмановски.

По објавувањето на неговата колумна, се огласи таткото на малиот Марко Пејчиновски, кој во изјава за Фокус, посочи дека биле подготвени за напади и обвинувања и дека истите се неосновани.

Во врска со обвинувањата, неговиот татко Тони,  тврди дека доаѓаат од страна на неупатени лица, бидејќи на целиот настан му претходеле низа на подготовки, прегледи и консултации со стручни медицински лица.

Нашиот новинар, Милорад Стојмановски, по ова, се почувствува повикан како „неупатен“ да му одговори на таткото на Марко, потсетувајќи на текст кој го објавил пред 5 години, насловен како „Родители не седат мадро, децата „носат модро“.

Колумната на Стојмановски ви ја пренесуваме во целост:

Преамбициозните родители се погубни за своите деца-спортисти, сметаат психолозите коишто го анализираат овој феномен. Мешањето на амбициите на таткото или мајката со тие на подмладокот предизвикува хаос во главчето коешто сѐ уште не го распознава светот околу себе. Примерот со нереализираните виолинисти најсликовито објаснува што станува со талентите „силувани“ да прават нешто што не сакаат, иако овој убав инструмент се изучува 15 години. Макотрпно!

Мешањето во „кариерата“ на детето во македонски услови оди дотаму што агресивните родители кои во своите чеда гледаат олимписки шампиони, влегуваат и во управите на клубовите, федерациите, дури и диктираат во кој правец ќе се движи тој клуб или спортска федерација. Фаворизирањето на „спонзорските деца“ во спортските школи е мала шега во однос на штетата што ја прават ваквите родители на кои тоналитетот им расте паралелно со контото во банката или политичката моќ кога влегуваат и во федерациите. Зашто уште не се родил тренер кој на родителот што плаќа за своето дете, или го помага клубот ќе му рече:„малиов не го бидува, нека не се измачува“. Поверојатно е дека ќе добие одговор – треба време! Затоа што му требаат парите од тие родители. Во приказната без крај потоа се надоврзуваат и менаџерите, тие што живеат од процент. Процентот на веројатност детето да стане спортски првенец е многу, многу мал, за разлика од шансите детството да биде жртвувано. Лошо научената лекција од генерацијата што расте понатаму опасно се заканува да биде пренесена од колено на колено – на следната генерација.

Срчата во рака што остава лузна на целиот спорт

За да се заштитат децата од несоодветни содржини за нивната возраст, за жал, некогаш е нужен – надзор на родителите. Еве зошто: по кошаркарското финале на завршниот турнир во првенството за играчи до 16 години, во саботата, еден од судиите на мечот МЗТ Скопје и Феникс 2010 (74-68) бил расечен со скршено стакло во судиската соблекувална од страна на непознато лице кое било присутно на натпреварот (читај родител). Според зборовите на ФИБА-судијата Алија Феревски, од зад еден од прозорците непознато лице вербално ги навредувало тројцата судии. Во еден момент, со силен удар, агресивниот непознат сторител го скршил стаклото на прозорецот, а некои од парчињата завршиле во раката на Феревски. „Не ми се верува дека вакво нешто ми се случи по еден спортски натпревар на деца до 16 години“, изјави Феревски за „Спортмедиа“.

„Неверојатната приказна“ најчесто почнува со испраќање на детето во некоја спортска школа најмногу заради здравјето на детето. Со текот на времето, целото семејство почнува да се „пали“, се посетуваат натпреварите и на новопечениот натпреварувач несвесно му се врши дополнителен притисок. Со тек на времето, резултатот прераснува во опсесија, особено ако во игра влезат разни стипендии – „здравствениот мотив“ еволуира во „економски“. Како што растат амбициите, еуфоријата може да стигне и до точка на подмитување на селекторот за да се промовира синот или ќерката во репрезентацијата. Колку што е поголема инвестицијата (членарина, опрема, транспорт за тренинг, финансирање на настапите и патувањата…), фрустрација и очекувањата стануваат сѐ поголеми, а со тоа и нервозата. Таа пак раѓа нетрпеливост кон судиите, противниците, тренерите…Затоа сме сведоци на тепачки на средби уште во младинските категории.

Малиот Никола како Давид против Голијат

Меѓу родителите и детето секогаш е тренерот. Колку и да е професионалец, тој не може да биде учител и на родителите, особено ако станува збор за мачо-татко и мајка-амазонка. Позицијата тренер е моќна само ако тој има способности и соодветно опкружение за да може да се наметне како авторитет. Но, некои тренери креваат раце уште кога ќе ги препознаат преамбициозните родители уште пред првиот тренинг, оценувајќи ги со зборовите: „кога ќе видам дека му ја носат спортската торба на детето, сѐ ми е јасно.“

Никола Гајдаџиев (на сликата десно), синот на поранешниот претседател на Македонската кошаркарска федерација, Леонид Гајдаџиев, влезе во македонската историја како најмлад спортист што заиграл во Прва лига. На неполни десет години настапи за клубот на неговиот татко Николферт во март 2002 година. Никола, тогаш 162 см. висок и 53 кг. тежок, играше против професионалци од два метра и повеќе што беа 10 до 30 години постари, 50 до 100 кг. потешки, 30 до 50 см повисоки од него. „Свесен сум дека може да го повредат, но тој е доволно физички развиен, има сила да шутира тројка од место, дури и го натфрла обрачот. Моја е одговорноста, ризикот го преземам јас. Доста се залажуваме дека играч се станува на 20 години. Ако Никола до својата 16 година не стане суперѕвезда, не треба да игра кошарка. Дражен Петровиќ со 15-16 години стана првотимец и стана тоа што стана. Не се станува играч со седење на клупа“, изјави тогаш првиот човек во мак-кошарката. Девет години подоцна, Никола стана првотимец на МЗТ Скопје поради правилото задолжителен настап на младинец. Денес има 22 години, игра во Бугарија, иако е далеку од тоа да стане суперѕвезда, како што замислил татко му. Колку пари по приватни тренери платил „магнатот на железото“, знае само тој, како и одговорот на прашањето – дали сето тоа вредеше?

Често се случува и децата да тренираат тоа што го тренирале родителите. Тие обично сакаат да бидат како нивните татковци или мајки (барем до тинејџерските години). Но, детето и спортот може да го замрази (исто како и виолината) ако го терате по секоја цена да го практикува. Особено ако сфати дека станало инструмент за потенцијална заработувачка.

Штетата може да биде уште поголема ако двајцата родители се поделени околу спортската иднина на детето. Распнато меѓу различните желби, тоа ќе стори сѐ да биде прифатено од родителите кои му се идоли, но стравот да не разочара некого ќе му донесе фрустрација.

„Улогата на родителите е да го поддржат, охрабрат и да ги препознаат напорите на детето. Примарно е родителот позитивно да го поттикнува и поддржува спортистот, да му дава секој ден љубов која е база за идна самодоверба. Само така може да се развива детето како врвен спортист и како добра и одговорна личност“, вели д-р Ленче Алексовска – Величковска, професор по предметот спортска психологија на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (поранешен ФФК) во Скопје.

Прирачник за превоспитување родители

Мошне важно е да се балансира меѓу целите што се поставуваат, правилното воспитување, создавањето здрави навики, давањето љубов и поддршка. Битна е комуникацијата со детето, да може да се потпре на родителите за да се осамостои, да ги оствари сопствените цели, да се пронајде себеси, да се научи да ужива во спортот, да му се радува и полесно да ги пребродува кризите, повредите, разочарувањата, велат стручњаците.

Родителот треба да е среќен што неговото дете се одлучило да влезе во магијата наречена спорт, додава Алексовска – Величковска, инаку поранешната кошаркарка на Студент.

„Спортот е привилегија на најдобрите, но да се стане најдобар треба да се има позитивни модели околу себе, генетика и многу работа. Амбицијата-најдобар или опсесијата-победа може само да создадат страв од неуспех. Тој страв може да резултира со просечна изведба, лоши резултати и силно разочарување на детето како спортист, но и како личност,“ – вели Алексовска – Величковска.

Спортските психолози препорачуваат спортување, но треба да се разговара со детето, да се праша што сака и што го интересира. Можеби ќе го одбере спорт на родителот (за да игра со него), но изборот нека биде – на детето! Дури и да не е најдобар спортист, нема ништо погрешно во тоа да се сака спортот и без олимписки амбиции.

Само немојте вашите сништа да го остварувате преку детето. Оставете го детето само да сонува.

Потсетуваме, малиот Марко Пејчиновски пред два дена беше приморан да го прекине соло-маратонот од 64 километри поради болки во ногата.

Марко имаше силна желба и цврста волја да плива делница која е вистински предизвик за професионалните маратонци, а не за еден тринаесетгошник. Марко беше 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и мина 11 километри и 840 метри. Подвигот го посвети на лицата со ретки болести.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот