Неуништливата Меги, била прва фотографка на воените фронтови, прва фотографка на „Лајф“ и прв фотограф во светот примен во Советскиот Сојуз

фејсбук

„Соочена со тегобноста на реалноста, фотографирав без да погледнам, леќата ми служеше како бариера помеѓу себе и застрашувачката вистина на хоророт пред мене“.

Маргарет Бурк-Вајт била американска фотографка, репортерка и документаристка, единствена жена која ги документирала најзначајните настани од дваесеттиот век со својот објектив: била првата жена воен дописник, прва жена фотограф на списанието „Лајф“, и прв фотограф во светот примен во Советскиот Сојуз.

За да направи успешна фотографија се качувала на врвовите на облакодерите. Фото Фејсбук.

Во текот на 50-годишната работа Маргарет Бурк Вајт произвела уникатни извештаи за списанието „Лајф“ направени во Советскиот сојуз за времето на Сталин, од Европа во периодот пред Втората светска војна, од Индија во периодот на Ганди, од Корејската војна и од рудниците во Јужна Африка.

Била родена во семејство од средна класа во Бронкс на 14 јуни 1904 година.

Уште од мали нозе докажала дека има силен карактер и дека гледа напред во иднината. Амбициозна, независна, секогаш најдобра во сè, најценета меѓу фотографите од нејзината генерација, со желба секогаш да биде прва. Променила неколку универзитети додека не дипломирала во 1927 година. Во меѓувреме се омажила со Еверет Чепмен, од кого се развела само две години подоцна.

Во 1928 година одлучила да се пресели во Охајо и таму да отвори фотографско студио, специјализирано за архитектонска, дизајнерска и индустриска фотографија. Во Кливленд имала бројни клиенти, вклучувајќи ги фабриките за челик. Бурк-Вајт се смета за прв познат индустриски фотограф и една од првите фотографи што ѝ дале уметничко значење на индустриската фотографија.

За да направи успешни фотографии, таа се искачувала на највисоките облакодери, летала над градот, одела во најопасните зони на фабриките. Всушност, нејзината тврдоглавост и амбиција не ја спречиле пред високите температури, во потрага по нови фотографски  решенија, ниту ја оддалечиле од долгите часови работа во нездрави средини.

Познатата фотографија на Маргарет Бурк-Вајт на црнци – жртви на поплава кои стојат пред натписот „Највисок светски стандард на живеење“, на кој се гледа бело семејство. Била објавена во списанието „Лајф магазин“ во 1937 година. Фото Фејсбук

Во 1929 година ја започнала својата соработка со списанието „Фортјун“ со амбиција да стане  најдобра меѓу фоторепортерите. Во 1930. била беше прва меѓу западните фотографи што отишла во СССР. Пет години подоцна била повикана од списанието „Лајф“ да работи за нив. Фотографирала таму каде што никој пред неа не стапнал претставувајќи ја трагичната реалност, а подоцна (1939) ѝ се придружил нејзиниот втор сопруг, писателот Ерскин Калдвел, со кого останала во брак до 1942 година. Од „Лајф“ била испратена во Европа: во Германија, Австрија и Чехословачка да го документира напредувањето на нацизмот и претстојната војна.

Во 1941 година Маргарет веќе по вторпат, заедно со Калдвел, била во Москва. Нејзините движења се следеле внимателно, а таа главно го фотографирала животот во градот. Сепак, успевала да испрати извештаи до „Лајф“ кои биле објавени на 12 страници во списанието претставувајќи го детално расположението во Советскиот сојуз.

Меѓу броините фотографии, успеала да го претстави Сталин како насмеан човек.

Во јули 19 јули 1941, Маргарет била единствениот странски фотограф во градот. Го фотографирала првиот воздушен напад од страна на Германците врз главниот град, ноќното бомбардирање, песочните патеки. Се ова успеала да го сними од покривот на американската амбасада, поставувајќи пет камери, и коментирајќи дека тоа е „една од исклучителните ноќи во нејзиниот живот“. Нејзините фотографии биле објавувани во „Лајф“ со голем сензационализам.

Враќајќи се во САД, Маргарет ја наметнала својата волја да стане воен репортер и да замине на фронтот. Дотогаш ниту една жена никогаш не била акредитирана од американската армија да може да стапне на фронт, но решителноста на фотографката заедно со убедувањето на уредниците на списанието, преовладале. Унифромата ѝ била специјално дизајнирана и најпосле била испратена како воен дописник на фронтот.

фото Фејсбук

Таму имала и логистички проблеми, била единствената жена меѓу војниците, морнарите, авијатичарите. „Лајф“ ги објавувал нејзините фотографии, па набрзо го стекнала епитетот „Меги неуништивата“. Сигурно Маргарет Бурк-Вајт во војната го дала својот максимум и како жена и како фотограф. Нејзиниот фокус застанувал на бојните полиња, на моментите на одмор, на теренските болници, на бомбардирањата… Сликите на неверојатните лица зад бодликавата жица, на печките за крематориум, на логорите не се едноставни фотографии, туку историски документи од огромна вредност.

Маргарет со едно од нејзините мачиња на почетокот на 1940 година.

Со нејзиното враќање од фронтот, станала ѕвезда и омилена меѓу народот. Речиси и да немало текст или книга без нејзина фотографија. Сепак, светската слава не ја натерала да се одмори туку продолжила да го фотографира светот.

Во 1947 година престојувала во Пакистан и Индија, нов центар на напнатост во моментот на раѓањето на двете држави: го интервјуирала и фотографирала Ганди само неколку часа пред да биде убиен.

Во периодот 1947-48 година, Бурк-Вајт отишла на задача во Индија и Пакистан, каде што станала една од најефикасните хроничари на насилството што избувнало при независноста и поделбата на двете нации. Го интервјуирала и фотографирала Ганди само неколку часа пред неговото убиство. Фото Фејсбук

Во 1950 година била во Јужна Африка: преку фотографии и текст го опишала апартхејдот и се спуштила на две милји под земја за да ја претстави работата на рударите на злато; потоа заминала за Кореја веднаш по потпишувањето на примирјето, документирајќи ја герилската војна и цивилното население, повторно во војна. Била секогаш прва, секогаш најдобра, секоја нејзина фотографија е ремек-дело.

Девојче од Чешка 1937 година, фото Фејсбук

Но, Паркинсоновата болест почнала да се развива. Во 1957 година, и Маргарет ја потпишала својата последна фотографија за „Лајф“, а во 1963 година ја напишала автобиографската книга „Портрет за мене“. Последните неколку години живеела повлечено во својот дом во Конектикат, со малку пари заштедени за медицинска нега.

Починала сама, но не и заборавена, во 1971 година, на 67-годишна возраст.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот