Нетанјаху предложи израелскиот премир да се избере на референдум

Фото: EPA-EFE/DEBBIE HILL / POOL

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа повика на референдум за избор на следниот премиер, додека се мачи да формира нова владеачка коалиција по победата на парламентарните избори.

Неговата партија Ликуд освои 30 од 120 места во Кнесетот (израелски Парламент) на парламентарните избори што се одржаа на 23 март, четврто изјаснување на граѓаните за помалку од две години.

Нетанјаху доби поддршка од ултраортодоксните партии и крајно десничарските сојузи, но не успеа да обезбеди мнозинство од 61 место.

Претседателот Рувен Ривлин на 6 април на Нетанјаху му го врачи мандатот за формирање на новата влада, што тој се уште не успеа да го направи.

-Потребен ни е брз референдум за да се надмине политичкиот ќорсокак, рече Нетанјаху пред новинарите. „Нека гласачите одлучат кој ќе биде нивниот следен премиер”, додаде премиерот во оставка.

Јар Лапид од партијата Јеш Атид, која освои 17 места во Кнесетот, во неделата  предложи Влада на национално единство во земјата што ќе вклучува сите десничарски, левоцентристички и левичарски партии, освен Ликуд, но таа коалиција може да добие само 58 места.

Референдумот може да му овозможи на Бенјамин Нетанјаху да остане на власт, но експертите велат дека ваквата изјава може да доведе до нови проблеми.

Нетанјаху (71) во моментов се соочува со три обвиненија за корупција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот