Нетанјаху ја плати сметката на Биби

Фото: МИА

Тројцата главни архитекти на соборувањето можеа да останат десничарски лојалисти на досегашниот премиер какви што и беа, ако Нетанјаху со своето однесување не ги претвореше во жестоки противници.

Од поранешен командос, што подоцна му го донесе прекарот „Господин безбедност“, до 12 години непрекината премиерска власт, што му ја донесе титулата „Кралот Биби“, Бенјамин Нетанјаху обележа епоха на израелската политика.

Лидерот на Ликуд, потпирајќи се на религиозните ционисти, за време на најдолгото премиерско владеење го насочи кон десно израелското општество, а власта ја напушта оставајќи зад себе земја што е поделена и поларизирана како никогаш порано во својата историја.

Успешно промовираше цела нова генерација конзервативни политичари, но самиот исклучиво е виновен што своите поранешни партнери ги сврте против себе. Тројцата главни архитекти на неговиот пад – новиот премиер Нафтали Бенет, Гидеон Саар и Авигдор Либерман – можеа да останат негови десничарски лојалисти, какви што нема, да не ги претвори Нетанјаху со своето однесување во жестоки противници.

Сите тие од Биби ги учеа вештините на меандрирање по фрагментираниот терен на израелската политика, го поддржуваа и можеби и така ќе продолжеа, да не ги продадеше премиерот во некоја точка. „Нетанјаху е принуден да замине едноставно затоа што лажеше и омаловажуваше премногу политички сојузници и поддржувачи и затоа што прекрши премногу ветувања“, пишува коментаторот на либералниот весник „Хаарец“, Аншел Фефер.

Јаир Лапид, лидер на центристичката партија и според договорот за ротација премиер од 2023 година, исто така беше министер во третиот кабинет на Нетанјаху, а ако водачот на Ликуд ја почитуваше спогодбата со лидерот на Сино-белата коалиција Бени Ганц, немаше и него да го уфрли во формацијата што го собори од власт.

 

Смена на генерации

 

Како што Ликуд во 1977 година стави крај на тридецениското владеење на левичарската Лабуристичка партија, а Нетанјаху пред 25 години првпат стана премиер, поради тоа што ја презеде контролата од старата карда „ликудијци“, така сега дојде време нова генерација да се обиде да го извлече Израел од сериозна политичка и социјална криза.

Проблемите на Нетанјаху со законот – три процеси за корупција што се поднесени против него – засега не се несовладлива препрека, имајќи предвид дека ќе се одвиваат со месеци, а ако не и со години. Наспроти тоа, тој сврте против себе многумина Израелци, обидувајќи се по секоја цена да остане премиер за да може да ја употреби политичката моќ за да ги запре судските процеси или да обезбеди поволен исход.

Додека ги игнорираше демонстрантите што со недели се собираа низ Тел Авив и пред неговата резиденција во Ерусалим, веруваше дека сè додека е силен и во офанзива, неговите шанси се зголемуваат. Обвинувајќи го правосудниот систем за „левичарски заговор“ и правејќи од себе жртва на „длабоката драва“, тој ги стави сопствените интереси над интересите на државата.

 

Лидер на опозиција

 

Што не значи дека кариерата на Нетанјаху е завршена. Најмоќниот политичар по Давид Бен-Гурион не го кажал својот последен збор и ветува продолжување на борбата од опозиција. Впрочем, тој не ги изгуби изборите од некој што добил повеќе гласови од неговиот Ликуд, а и понатаму е на чело на партијата што има најголем број пратеници во Кнесетот.

Зад него е деценија од економски просперитет, потпрен на јакнење на приватниот сектор и на технолошкиот бум, драстично намалување на бројот на жртви од тероризам, мировни договори со четири арапски земји и најбрза вакцинација против ковид-19 во светот.

На критичарите сето тоа не им е доволно за да се израмни едно друго наследство: длабоко поделената земја соочена со многу шизми – на левицата и десницата, на верското и секуларното, на еврејското и арапското. Притоа, без сериозни социјални реформи, се создаде сè помалку праведна земја во која за време на власта на Нетанјаху бројот на Израелци што живеат во сиромаштија достигна 21 процент.

Дали сите негови остварувања се добри за Израел? Го сочува статус квото на продолжена окупација без спремност за мировен продор со Палестинците. Верен на ставот дека местото на Израел на Блискиот Исток почива на моќта, а не на компромисите, пропушти можности и придонесе Израел да стане значајно индиферентен во однос на траумите на Палестинците од окупираните територии, на кои продолжува еврејската колонизација, а мирот престанува да биде тема.

 

Пријател на автократи

 

Успеа конфликтот да го префрли на маргините не само на внатрешната, туку и на светската политика. Одбиваше какви било сериозни отстапки, отворено покажувајќи дека нема намера да го реши и да им овозможи на Палестинците сопствена држава, каква што вети во 2009 година. Наместо тоа, го активираше стравот од Иран.

Заминуваше Нетанјаху на инаугурацијата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, го нагостуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан и му продаваше оружје на филипинскиот претседател Родриго Дутерте. Додека се приближуваше кон авторитарните националисти, се оддалечуваше од некои европски сојузници.

Со администрацијата на Барак Обама сериозно ги залади односите поради нуклеарната спогодба со Иран, а со републиканците на Доналд Трамп воспостави толку блиска соработка, поради што почна да еродира традиционално двопартиската поддршка за Израел во Конгресот. На повик на Џо Бајден мораше да чека два месеца, додека шефот на Белата куќа телефонски го повика Бенет само два часа откако беше изгласан неговиот кабинет.

 

Нестабилна влада

 

На критичарите им е доволно да се радуваат, иако претстојат тешки времиња. Новата влада е составена од осум коалициски партнери од сите можни страни на идеолошкиот спектар, па уште на почетокот е јасно дека ќе избегнува да се изјасни за клучните предизвици на земјата – пред сè за палестинското прашање и контролата на Западниот брег. Бенет ќе биде „половичен“ премиер две години, а Лапид, ако кабинетот преживее, ќе го наследи во истиот ограничен мандат. Ни едниот нема да може да направи што било без согласност од другиот, бидејќи и двајцата располагаат со право на вето. Како римските конзули. Владеење на компромиси.

Последниот обид на принципот на ротација не успеа кога пред една година Нетанјаху формираше влада, а неговиот ривал Бени Ганц попусто чекаше да му дојде редот да седне во премиерската фотелја. Бенет и Лапид успеаја со заедничка акција да го симнат Биби од власта, но сосема е можно дека почнува нова ера во која Израел нема да има ни природно владејачко мнозинство ни вистински силен премиер.

– Оваа влада, која ја предводат десничарски политичари, влада што официјално нема агенда за палестинскиот конфликт и која е создадена на имагинарни „единство“ и „промени“, а не на содржајна политика, исто така е победа на Нетанјаху – заклучува Фефер.

Навистина, некој што успеал 15 години да го владее Израел не е губитник, дури ни кога на крајот харизматичниот макијавелист, безобѕирниот прагматичар, бескомпромисниот десничар, тврдиот националист и мајсторот на политичкиот маркетинг беше принуден да замине.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Видео на денот