Нетанјаху бил предупреден неколку месеци пред масакарот на Хамас на 7 октомври, тврдат израелски медиуми
Израелскиот Канал 12 денеска објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека бил во болница неколку месеци пред 7 октомври 2023 година, наводно бил предупреден за можноста од напад врз Израел.
Телевизијата објави дека додека Нетанјаху се опоравувал во болница откако му бил вграден пејсмејкер во летото 2023 година, шефот на израелската разузнавачка служба Шин Бет, Ронен Бар, и началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, предупредиле дека „Израел е сè поранлив на напади, додека непријателите на земјата гледаат длабока социјална тензија во врска со планот на владата за реформи во судството.
Кабинетот на премиерот соопшти дека ова се „клевети и лаги“ против Нетанјаху со цел да се оштети десничарската влада, објави „Тајмс оф Израел“.
Во соопштението се вели дека Нетанјаху ќе продолжи да го води Израел до историска победа. На 7 октомври 2023 година, палестинската милитантна група Хамас изврши напад врз јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници во Појасот Газа, предизвикувајќи тековен конфликт меѓу израелската војска и палестинската група.