Несторовска: Загрижува порастот на детската сексуална експлоатација преку Интернет

Фото: МВР

Пандемијата го промени целото фунцкионирање на општеството и откри слабости во функционирањето во многу сектори. Безбедноста и безбедносниот сектор, вклучувајќи ги тука јавните и приватните безбедносни системи,  добија исклучително значење во креирањето на „новата нормалност” неопходна за да се продолжи понатаму. Ова е заклучокот на дебата „Пандемијата и безбедноста: Како понатаму?”, на сесијата на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) подготвена од Работната група – 4, Поглавје 24 од пристапните преговри за членство во ЕУ.

Националниот кординатор на НКЕУ и претседател на Европското движење, Милева Ѓуровска, истакна дека eдно од прашањата е тоа дека и покрај ургентноста на мерките за заштита од Ковид 19, ни помалку не беа намалени ниту другите ризици, како што е на пример масовниот број илегални имигранти, трговија со луѓе, организиран криминал,како и други појави со висок безбедносен ризик.

-Се настојува да се развијат организациски практики за да може да се продолжи понатаму, односно како да се живее со пандемијата. Мерките што се презедоа при самиот почеток на пандемијата, кога се анализираат од оваа дистанца кажуваат дека не било предвидено дека пандемијата ќе трае долго, но таа трае и не се знае уште колку ќе трае. Освен здравствените ризици кои имаат првенствено значење и зајакнувањето на здравствените системи, посебно витално подрачје претставуваат безбедносните ризици на државните граници, затоа што многу држави акцентот во заштитните мерки го ставија на безбедноста на границите. Потоа безбедност на работните средини, училиштата, детските градинки, јавниот транспорт и други области. Анализите во другите држави покажуваат дека постојат цели професионални тимови во сите овие сегменти, кои почнуваат да работат на развивање на мерки за поголема безбедност, истакна Ѓуровска.

Државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска рече дека пандемијата предизвика зголемување на одреден вид криминал и анализите на Европол но и нашите анализи, недвосмислено укажуваат дека криминалците не се повлекоа завреме на пандемијата, туку само го сменија својот начин на делување.

-Најзастапени се кривичните дела кои се поврзани со почитување на здравствените прописи, и забраните кои се поврзани со спречување на Ковид-19, а во одредени временски интервали беше забележано зголемување и на тешките кражби и делата со елементи на насилство. Со оглед на зголеменото користење на Интернетот, и зголемената динамика на социјалните медиуми, во услови на социјална дистанца, ризикот од компјутерски криминал бележи еминентно зголемување. Во овој период значително се зголеми он лајн трговијата, он лајн плаќањата, а тоа може да доведе до ризици за безбедноста и заштитата на личните податоци на корисниците, податоците од нивните платежни картички и банкарски сметки, посочи Несторовска.

Според неа, загрижувачки е порастот на детската сексуална експлоатација преку Интернет, на ниво на Европската Унија, што ја наметна потребата од постојано следење и преземање превентивни мерки.

-Овој пораст се должи на изолацијата на децата што е зголемена за време на изолација, со поголема изложеност на Интернет, и во многу случаи и недоволниот надзор од страна на родителите. Нивното откривање во овие услови е отежнато, и честопати тие не се видливи за службите, рече Несторовска.

Посочи дека присуството на дезинформациите, што е клучна карактеристика на закани за време на кризата, тие честопти се поврзани со хибридни закани кои во својот широк спектар имаат за цел поткопување на јавната диверба на владините институции.

-Од тие прчини дефинирајќи ја пандемијата можеме да заклучиме дека таа е првично справување со здравствените ризици но и со лажните вести, подвлече Несторовска.

Јурај Мешик од Словачка, специјалист за глобални трендови и ризици, поранешен висок специјалист за социјален развој при Светскат банка, направи споредба со справувањето на пандемијата во земјите во Европа.

-Вашата приказна со справувањето со Ковид-19 е многу поразлична од приказната во Словачка. Словачката приказна во суштина почна со успех, па се до неуспех. Успешно го изменаџиравме пролетниот бран, го завршивме тој бран со пет смртни случаи на милион жители, што беше најниска стапка во Европа и се уште имаме најниска стапка на смртност. Но се наоѓаме на погрешна траекторија. Бројките се показател дека правилни политики се многу важни во справувањето со пандемијата. Фактот што го изменаџиравме првиот бран на пандемијата, не е коиндиценција туку резултат на активни политики, што се потпираа на науката, вели Мешик.

Според него, кога нивната Влада почнала да верува дека пандемијата исчезнува, применила политики што довеле до посуров есенски бран. -И во Чешка имаше сличен развој на настаните, но кај нив ситуацијата е полоша за разлика од пролетниот бран. Во Словачка имаше и антиковид демонстрации, демонстранти ја напаѓаа Владата со камења, што го покажува стресот во општеството, иако имаме најмала стапка на смртни случаи од Ковид во Европа, истакна словачкиот експерт.

Тој предвидува дека во есенските и во зимските месеци ситуацијата насекаде ќе се влошува. – Фундаменталната обврска што стои пред владите во целиот свет е да спасуваат животи. Тоа е возможно до значаен степен, но начинот како тоа да се стори е многу исполитизиран и потребно е балансирање на зачувување на животите на граѓаните и спасување на економијата, оценува тој.

Смета дека превентивните мерки насекаде во Европа во првата фаза на пандемијата покажале резултати.

-Ние сега сакаме учениците да тргнат на училиште, а луѓето да се вратат на работа. Нон сенс е да не се носат маски, поради дезинформациите што кружат на Интернет, потребна е физичка дистанца, лимитирање на групирање, дополнителна заштита на ранливите групи.Доколку има комплентно затворање, односно целосен карантин, економиите треба да размислат за друг начин на работење, на пример, пет дена работење девет дена затворање. Тоа има потенцијал да помогне во спречување на ширење на вирусот. Вториот начин е активна превенција, на цела попуалција, или најмалку што може да се стори на ризичните категории и значајните професии, вели Мешик и препорачува населението масовно да употребува минералот Цинк и витамин Д, што се покажале клучни во јакнење на имунитетот.

Тој предвидува дека по пандемијата, односно во 2021, под услов да заврши епидемијата со успешно развиена вакцина, од здравствена, светот ќе се префрли на економско-политичка криза.

-Меѓутоа, секоја криза носи и можности, едната голема можност е реформирање на здравствените системи и нивен фокус од третирање болести на превенција на болести и активна здравствена поддршка, што е уште една можност за спасување животи. Кризата покажа дека општествата се многу ранливи. Ова е стрес-тест, не е вистинска катастрофа и е можност после ова да се изградадат поприспособливи општества, рече тој.

За миграцијата на лекари од регионот во Западна Европа, претежно во Германија, во период на пандемија, вели дека не може да им се забрани на лекарите слободно да се движат и да работат во други земји, но препорачува на властите финансиски поттик.

-Она што може да се земе предвид е да се изработи финансиска програма која ќе овозможи да се компензира на медицинскиот песронал да им ги зголеми платите, за да немаат силен финансиси поттик да мигрираат, вели тој.

Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност, УКЛО Битола рече дека во овие услови на пандемија Балканот се прикажува како прилично ранлива средина, каде што прилично трагичните бројки покауваат дека се соочуваме со невидлив непријател, тој е тука, меѓутоа, не можеме да го препознаеме и не можеме квалитетно да се поставиме во однос на намалување на последиците што произлегуваат од него.

Магдалена Лембовска од Евротинк истакна дека сега повеќе од кога и да било императив за Владата е да утврди политики и да се спроведат мерки ранливите и маргинализираните да имаат еднаков пристап до сите механизми за медицински услуги, образование, намалување на сиромаштијата, пристап до други облици на социјална инклузија.

-Пандемијата откри загрижувачки празнини во капацитетот на централната и локалната власт да ги поддржува ефективно ранливите групи, социјално исклучените и маргинализираните групи. Пандемијата покажа дека довербата во јавните власти е од суштинско значење за ефективно спроведување на мерките за справување со заразата, вели Лембивска. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот