Несреќни сме, значи постоиме

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Кој ни го уништи здравството, образованието, културата, институциите, за животната средина и амбиенталното живеење и воопшто не сакам да говорам, за денеска да сме најнесреќни и во западнобалкански рамки?! Кој?

Не, бе, не. Овој народ и оваа нација, да не постоеја во целата позната галактика, требаше Господ Бог да ги измисли. Замислете колку е неверојатно, вие на истражување на јавното мислење, дали сте среќни/несреќни, да одговорите масовно дека сте несреќни и кога ќе се објават резултатите од тоа и такво истражување, вие потоа да хистеризирате и да врескате и да сте незадоволни на социјалните мрежи, се разбира, зашто резултатите биле такви „поразителни“.

Тоа ви е како да застанете на четириесет и четвртиот кат во „Џевахир“ во Аеродром, да се пуштите надолу самите да ве повлече гравитационата моќ на Земјата, да се направите палачинка на плочникот долу и кога ќе отидете пред портите на свети Петар, исчистени од сите гревови, да му бидете лути, да му се дерете и да му негодувате на светецот зашто ве прибрал баш сега, кај него. Ете тие сме и такви сме.

Најголемо влијание врз нивото на (не)среќата имаат историјата, традицијата и културата. Тие ја претставуваат несреќата како битен елемент на националниот идентитет. Несреќен сум, значи Македонец сум. Чист декартизам. Од очите на Самоиловите војници и смртта на царот до смртта на многубројни јунаци и херои кои се слават како единствено остварување, националниот карактер се полни со несреќа како буре со зелка.

Во фолклорот, литературата, драмата, сликарството, филмот… Македонија е самопретставена како огромна фреска на несреќата. Болно племе, народ што не се знае, со очите паралдисани, егоздуси, ропства, бегалства, окупации, убиства… Тоа чувство потоа битно влијае врз политичката ориентација, односно врз актуелниот живот, вели поранешниот новинар и актуелен колумнист во својот брилијантен статус како ја опишува „несреќата“ на Македонците.

Несреќата е нашиот национален идентитет

Понекогаш имам чувство дека среќни сме само ако сме несреќни. Односно, колективните несреќи ни предизвикуваат егзалтација во која преку хистеризацијата за односната несреќа, ние докажуваме и сами на себеси си покажуваме дека сме среќни. Односно дека сме тие, не сме станале некои други. Од горењето на тетовската болница, до автобуските несреќи на „Дурмо турс“ кај Ласкарци и „БЕСА-транс“ крај Перник, до сите други колективни  или индивидуални несреќи, ние потврдуваме дека ова е својствено и може да биде само во несреќна Македонија. Од толку многу несреќи, Македонецот е станат толку недоверлив, та дури и да му се случуваат убави и позитивни работи, тој на нив не гледа со задоволство, туку со сомнеж, дилема, дали некој  однадвор му прави некаква теорија на заговор.

Напластените децениски фрустрации во него и околу него создадоа од него единица мерка за несреќа. Станавме толку зомбизирани, што не знаеме или, уште пострашно, се плашиме и да се израдуваме на нешто убаво. Токму таа параноја, тој грч, таа национална стегнатост и тој страв нас нè држи парализирани сиве овие триесет години во евентуалниот развој и отскок во иднината на цела една нација и држава. Ламентирањето за секојдневните мали несреќи на просечниот Македонец, создаде од нас една уплашена, изгубена во време и простор, анксиозна нација, која не знае што со себе и што од себе да направи.

А од што и од кого е несреќен Македонецот? Кој тоа му го направи од една пристојно уредена и функционална држава за своето време, со изградени институции на системот, прилично добро здравство и образование, добра животна средина, култура и уметност на завидно ниво во балкански рамки, после распадот на СФР Југославија да го допре дното по сите параметри на општественото живеење, од секој можен аспект? Кој ни го уништи здравството, образованието, културата, институциите, за животната средина и амбиенталното живеење и воопшто не сакам да говорам, за денеска да сме најнесреќни и во западнобалкански рамки?! Кој? Кој?

Да не би и за ова се виновни Бугарите, Грците или домашните наши Албанци? До кога за овие и вакви работи вината ќе ја бараме насекаде околу нас и во сите до нас, а не во нас самите, каде што е самиот извор на наведените проблеми. Како тоа, не може ние, цел еден народ, цела една нација со вкупно население колку еден поголем европски град или еден кинески кварт во Шангај или Пекинг, со вкупна државна територијалност колку еден Крим или една Сицилија, цели триесет години да не можеме да се доведеме во ред, да се организираме во еден државно-правен поредок со функционални институции и закони кои ќе важат еднакво за сите? Па дури мислам дека вакви какви што сме или какви што бевме од независноста досега, сме и малку несреќни, односно треба да бидеме и среќни што сме само толку несреќни. Заслужуваме и повеќе од тоа што сами себе си направивме.

Што направил Македонецот за да биде среќен?

Универзитетскиот професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на катедрата по економски науки, Ванчо Узунов, своевремено ни велеше дека Македонците земаат високи плати во однос на тоа колку сработиле, колку  биле продуктивни на своето работно место, дали во трудоинтензивниот сектор или во услужниот, а за јавната администрација воопшто и не станува збор. И за тоа колку се ефикасни, ефективни и колку си ја одработиле, односно заработиле својата плата.

А, Бранко Тричковски вели дека „не постои народ во целата позната вселена, кој со помалку труд, помалку енергија, помалку работа и вложување, живее подобар и поубав живот отколку Македонците“. Додека пак мајка ми цел живот вели: како што лежи и не работи ништо овој народ, а ужива во животот – никаде нема! Целосно се согласувам.

Како сите јужни народи и ние нешто не сме посебно приврзани кон работната етика, дисциплина и желбата за работа, па оттука и толкав ни е бруто домашниот продукт по глава на жител. Но, кога ќе ги видиш Македонците во кафеаните, кога ќе ги видиш нивните домови, автомобилите, облеката на нив, најновите телефони, одењето во „Грчка“ на одмор најмалку еднаш или повеќепати во годината, одењето на зимски одмор и скијање на Копаоник, Банско или на Алпите, ние живееме пет пати поубав и поквалитетен живот од тој што го заслужуваме, односно од тој што сме го заработиле со сопствен труд. Зарем вие не сте свесни колку и како еден Швајцарец или Јапонец треба да (с)работи за да си ги дозволи сите овие хедонистички задоволства на овој земски живот? Веројатно не сте. Затоа, соземете се, не бидете толку несреќни, бидејќи, можеби и ова што го имаме, ни е многу и не го заслужуваме. Сметаме дека ни паднало самото од небо, а не дека треба сами да го создадеме. Како Финците или Јапонците, на пример.

(Авторот е политиколог)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот