Несовесни граѓани во канализацијата фрлаат пелени, столици, маси, туршија…

Фото: ЈП Водовод и канализација - Скопје

Несовесните граѓани, но и градежната експанзија во Скопје, се главната причина за честото затнување на цевките за канализација на територија на градот Скопје и во периферните делови. Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“, нивните екипи на терен секојдневно се соочуваат со проблеми на затнување на канализацијата и потоа нејзино одзатнување за да се спречи излевање, особено во периодите кога има пообилни дождови.

-Сектор Канализација се уште се соочува со овој проблем, односно граѓаните продолжуваат да фрлаат секаков тип на отпад во канализацискиот систем, најмногу влажни марамици, пелени, сунѓери и виледи од домаќинство, но и поголеми предмети како што се скршени столици, маси итн. Во зависност од сезоната, во канализациониот систем се исфрлаат и отпадоци од туршија, провриено грозје, остатоци од заклани животни, изумрени животни и друго. За жал секојдневно во време на градежна експанзија на градот се соочуваме со проблеми од типот на истурање на градежен материјал во ревизионите шахти, фрлање на даски, штафни и останат градежен материјал, а истовремено при асфалтирање на коловози и улици со запушување на сливниците од атмосферската канализација и ревизионите шахти со асфалт – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Штетите што може да се предизвикаат од ваквото несовесно однесување прво се однесуваат на оштетување на канализацискиот систем и неговата функционалност, што предизвикало и може да предизвика враќање на отпадната вода и материите назад во системот до домовите и околината што воопшто не е пријатно и секако може да предизвика и здравствени проблеми и загадување на околината,

Освен со полнење на канализационите цевки со ѓубре, вработените во ЈП „Водовод и канализација“ се соочуваат и со проблемот на кражби на капаци од шахтите на целата територија на главниот град.

– Бројот на кражби на капаци од шахти како и решетки за сливници не се намалува, односно се уште имаме вакви несакани појави. За овие несакани дејствија сектор Канализација, по констатираната кражба на лице место, редовно ги известува полициските станици со изготвување на пријава за кражба со наведено улица, дата и време како и број на украдени ливено железни елементи со вредност на истите. ЈП „Водовод и канализација“ од оваа година почна пилот проект со монтажа на механичка заштита на капаци за шахти и решетки за сливници се надеваме дека ова ќе допринесе за намалување на бројот на украдени шахти и решетки за сливници на територија на град Скопје – заклучуваат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот