Ги збунуваме: Нештата кои луѓето ги прават, а кучињата не ги разбираат

Фото: Pexels/Samson Katt

Однесувањето на кучињата е неверојатно прилагодливо, токму затоа и ги чуваме во нашите домови и ги земаме со нас на средбите со пријатлите за време на викендите.

Сепак, постојат одредени работи за кои еволуцијата не ги опремила кучињата за да се прилагодат на предизвиците на животот во нашиот свет, а ние постојано им ги правиме на нашите миленици и упорно ги збунуваме, пишува „Саенс алерт“.

Ги оставаме сами

Како социјални суштества, кучињата сакаат да се дружат. Кутрињата се интензивно заинтересирани за дружење со други кучиња, луѓе или кој било што сака да комуницира со нив. Тие играат, одмораат, истражуваат и патуваат во друштво. Сепак, ние честопати ги оставаме кучињата сами – дома, во дворот или во хотел за кучиња.

Само по неколку повторени искуства кучето ќе добие доверба дека ќе се вратите по него, но никогаш целосно и во зависност од контекстот. Затоа никогаш не им е јасно зошто мораат да останат надвор во дворот кога нивното човечко семејство е внатре во домот.

Го менуваме обликот и мирисот

Чевли, палта, паричници и ташни – секој од овие предмети има различен мирис. Средствата за чистење, сапуните, дезодорансите и парфемите постојано го менуваат нашиот мирис, по што кучето нѐ препознава.

Разните парчиња облека постојано ни ја менуваат формата. Исто така, кога се облекуваме, ние го менуваме нашиот визуелен изглед што ги збунува кучињата. Кучињата го менуваат крзното еднаш годишно, а, за разлика од нив, ние се пресоблекуваме и го менуваме мирисот секојдневно, а најистакнатото сетило кај кучињата е сетилото за мирис.

Сетилото за мирис одредува што може да се јаде и која е територијата на кучето. Исто така, мирисот е важна алатка за кучето во комуникацијата и препознавањето. Човекот преку тренирање и размножување ја зголемил способноста на кучето да препознава мириси, но мора да признаеме дека не им е лесно.

Сакаме да се гушкаме

Начинот на кој луѓето ги користат рацете, односно предните нозе, е во целосна спротивност со начинот на кој кучињата го прават тоа. При игрите или парењето, кучињата лесно се гушкаат. Но, ако нивното движење е целосно ограничено, тоа го доживуваат како знак на закана. Затоа нашите прегратки им изгледаат многу заканувачки.

Ние ги храниме со раце, ги галиме, им фрламе играчки, но и ги казнуваме, ги четкаме и кубеме, им ги сечеме ноктите, им даваме лекови или им ги завојуваме рани. Затоа, не е чудно што многу кучиња се плашат од човечката рака кога се движи кон нив.

Но, луѓето често погрешно го толкуваат својот страв, што често води до сериозни недоразбирања. Ненавикнатите кучиња понекогаш ги доживуваат нашите гестови со рацете како закана и бегаат или стануваат агресивни.

Фото: Pexels/Ivan Babydov

Не сакаме да гриземе

Омилената игра на кутрињата е борбата со другите кучиња. За време на ваквите игри, тие многу внимателно ја проценуваат јачината на гризот на другите учесници во играта, а за нив тоа се важни сигнали. Луѓето се почувствителни на болка, па често реагираат бурно на нивните обиди да си играат со нас.

Кучињата, речиси, целосно комуницираат со предметите преку муцката, а за хранање ги користат забите и јазикот. Кога си играат со други кучиња, гризаат за да покажат наклонетост и да комуницираат. Различната сила и начин на гризење може да значат од „повеќе“, до „те молам немој“, до „повлекување“. Нормално, тие се обидуваат да комуницираат со нас на ист начин, па ги збунува кога им се налутиме.

Не јадеме храна од канта за отпадоци

Кучињата се опортунисти кои инстинктивно јадат храна, каде и да ја најдат. Наместо тоа, ние им доделуваме посебни чинии од кои треба да јадат. Младите кучиња се многу збунети од нашата бурна реакција кога ќе забележиме дека земале храна од масата, подот или од кантата за отпадоци. Ние можеме да ги научиме да не го прават ова, но не треба да се чудиме кога посегнуваат по храна од места каде што не треба да ја земаат.

Ја делиме територијата

Ние ги посетуваме териториите на другите кучиња, го носиме нивниот мирис и дозволуваме непознати посетители да влезат на територијата на нашите кучиња. Мора да се знае дека кучињата немаат развиено способност лесно да прифатат такви упади и закани по нивната безбедност и ресурси. Затоа не треба да се чудиме кога се недоверливи и сомничави кон посетителите или кога се агресивни кон другите кучиња, било на своја или на туѓа територија.

Експертите откриваат: Зошто вашето куче сака да јаде трева?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот