Несериозни игранки со гасот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Во сложен економски амбиент, што дополнително си го комплицираме на домашниот терен, ќе ја пречекаме зимата. Гас за топланите Исток и Запад има уште за 11 дена. Во меѓувреме, јавноста е бомбардирана со збунувачки соопштенија, а епилог на збунувачката потрага по гас може да биде употребата на крајно нееколошкиот дизел во месеци кога и така скопјани се задушуваат од загадување.

Ќе имаме ли гас по 15 ноември или топланите Исток и Запад ќе почнат да се греат на дизел? Тоа е загрижувачкото прашање што деновиве не се симнува од дневен ред. Македонската јавност сведочи една невидена „игранка“ сервирана и од институциите и од политичките фактори што се надмудруваат додека трае енергетската криза и се коцкаат со греењето за 60.000 скопјани. Засега имаме обезбедено гас за топланите само за уште 11 дена. Но, не дека не можевме да го обезбедиме, туку тактизираме…Но, со што и за што тактизираме?

Да почнеме од почеток. На 18 октомври „Макпетрол“ извести дека поминал крајниот рок до кога ЕСМ-продажба требало да ги потврди потребните количини за топланите за да можат тие да ги најават количините кај својот доставувач. Не знам што мислеле од државната компанија што го презеде управувањето со топланите, но гасот не е играчка, а доставувачот на „Макпетрол“ не е некој кому можеш да му заѕвониш на телефон за да му кажеш „Еј, сега пушти гас“. Но, факт е дека по оваа реакција на „Макпетрол“, од ЕСМ ноншалантно изјавија: Веќе е пристигната една понуда од компанијата „Макпетрол“ за потребните количини за ноември, меѓутоа очекуваме уште неколку други. Ќе видиме, која ќе биде најконкурентната, таа ќе биде прифатена.

Дефинитивно, државата треба да ја избере најповолната понуда, но сега во овие екстремни времиња барањето нов доставувач на гас може многу лесно да се претвори во фијаско. Се надевам дека Владата не го прави сето ова само за да му одговори на ВМРО-ДПМНЕ дека нивниот контакт од кој се очекува поповолната понуда зафркнал работа. Тоа, во крајна линија, би го платил народот кого, за волја на вистината, и не го интересира дали контактот за снабдувач на гас е од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ. Добрата работа во ова енергетско лудило е што ние имаме компанија постара и од самостојна Македонија која се занимава со дистрибуција на горива и гас. Ако треба да се бараат конкуренти, ако некој цени дека „Макпетрол“ гради монополска позиција, тоа треба да се прави на поинаков начин. Ова не е ниту начинот, ниту времето. Сега треба да се искористи нивното искуство и нивните конекции.

Откако ЕСМ-продажба (читај: Владата) не доби поповолна понуда од „очекуваните неколку“, пак се сврти кон „Макпетрол“ и го фати последниот воз за нарачка од 1 до 15 ноември. Оттаму не сакаа набавка за еден месец, како што тоа обично го прави „Макпетрол“. А за тоа, пак, се наведоа две причини. Прво од ЕСМ стигна известување: „Фирмата ПГО не е во можност да почне да испорачува од 1 ноември, туку од 15 ноември, што дополнително ќе подложи на нова понуда. Со овој понудувач ќе биде потребно да се комплетира и комуникацијата во однос на другите документи што се побаруваат пред склучување договор“. Потоа пак стигна соопштение од АД ЕСМ, во кое пишува: „Набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред сè финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди“.

И едното и другото е точно – ПГО не е способна брзо да реагира, а на берзите има постојан пад на цените на гасот. Но, вакво соопштување на нештата е несериозно и јасно укажува на тоа дека државата нема концепт за тоа како ќе се преброди зимската сезона. Уште понесериозно е информирањето во последниве неколку месеци дека само што не се постигнал договор со ТЕ-ТО за производство на комбинирана – електрична и топлинска енергија, а ТЕ-ТО ни да „зуцне“ во јавноста. ТЕ-ТО е многу важен енергетски играч во државата, но е приватна компанија. Таа обично обезбедува 60 до 70 отсто од топлинската енергија во Скопје, која е значајно поевтина затоа што е еден вид нуспроизвод во процесот на производство на струја. ТЕ-ТО има обезбедено гас за својот режим на работа за ноември.
Во сложениот економски амбиент, што дополнително си го комплицираме на домашниот терен, ќе ја пречекаме зимата. Да не се лажеме, температурите од 24 Целзиусови степени нема уште долго да траат. Уверувањето од државата дека ќе има топлинска енергија, па макар да се користи и дизел гориво е скапа еколошка цена за скопјани, кои и без дизелот буквално се задушуваат од загадувањето секоја зима. Загрижува и фактот што топланите Исток и Запад никогаш досега не работеле на дизел-гориво. На мазут – да, но дизел не видел нивниот систем. Колку и да се направиле подготовки за евентуална пренамена, факторот изненадување не може да се потцени. А доколку се изјалови и состојбата со ТЕ-ТО, тогаш само на топланите Исток и Запад, и малку на Север и на КОГЕЛ, ќе се потпре целото греење за 60.000 скопјани, кои и немаат алтернатива за друг начин на греење, затоа што ако сите тие се приклучат на струја, тогаш ќе почне една нова голгота – испади од системот на електродистрибуција кој таму не е проектиран за греење на струја. Сериозните прашања бараат сериозни одговори. Засега добиваме несериозни соопштенија и многу импровизации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот