Несекојдневна глетка во Собранието: Мир и спокој меѓу пратениците

Фото: mia.mk

Несекојдневна глетка во Собранието. По зеленото светло на министерот за локална самоурпава Горан Милевски, владејачкото мнозинство прифати три амандмани на Законот за рамномерен регионален развој поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски и порача на власта дека треба да сфати оти нивните амандмани се за подобрување на законските решенија и затоа не треба да го користи европското знаменце.

– За Предлог законот ќе бидеме воздржани, но ќе дозволиме да мине бидејќи е врзан со рокови. Мислам дека има подобрување на ова законско решение. Затоа праќаме апел до владејачкото мнозинство и до Владата, да сфатат дека опозицијата и кога пушта поголем број на амандмани, меѓу нив има и суштински за подобрување на законското решение. Крајно време е колеги пратеници и господа од Владата да сфатите и сериозно да гледате на работата на опозицијата. Наша цел е подобрување на овие законски решенија, подобрување на легислативата а со тоа и приближување кон ЕУ. За сето тоа придонесе и добрата мисла на еден министер во оваа влада, кој е различен од министрите на СДСМ и кој даде можност да се дискутира по ова законско решение и кој во опозицијата гледа како на вистински партнер со кој што ќе може понатаму да соработува, рече Мицевски.

Мицевски го потсети Милевски дека треба да го одржи ветувањето дека новиот Закон за локална самоуправа ќе биде донесен во транспарентна процедура и со двотретинско мнозинство. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани, бидејќи, како што рече, Законот за локална самоуправа ќе биде од големо значење.

Собранискиот спикер Талат Џафери, видно изненаден, се заблагодари на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Јавно благодарам на вас и на можносота ова законско решение да се изгласа со консензус. И благодарам за поддршката на опозицијата која со ставот „воздржани“ даде можност законот да се изгласа. Со една напомена колега, Никола Мицевски, дека Собранието и пратенците, а најмалку опозицијата треба да се плаши од Предлог закон со европско знаме или во која било друга процедура. Тоа се пропишани процедури со Деловникот и надлежности на институциите. Така што нема потреба од страв. За да дојдат до соодветно прифатливо решение, па макар и „воздржано“ изјаснување, бидејќи и тоа е дел од поддршката, парламентот и парламентарците имаат потреба од дијалог, рече Џафери.

Предлог законот за рамномерен регионален развој беше усвоен со 50 гласа „за“ и 23 „воздржани“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот