Неработната недела мора да остане неработна!
И додека Европа наголемо воведува четиридневна работна недела со цел да го сочува и она малку работоспособно население од „прегорување“, газдите во земјава забораваат дека нивниот главен ресурс – луѓето, се значајно различни од другите елементи во процесот на производство.
Ќе ретерира ли Македонија во однос на неработната недела? Притисоците од работодавачите се сè поголеми, а Владата не излегува со конкретен став. Ваквото однесување делува умилкувачки кон бизнисот, кој веќе и не крие дека најрадо би го збришал ова тешко стекнато работничко право.
И додека Европа наголемо воведува четиридневна работна недела со цел да го сочува и она малку работоспособно население од „прегорување“, газдите во земјава забораваат дека нивниот главен ресурс – луѓето, се значајно различни од другите елементи во процесот на производство.
Странските експерти веќе подолго време предупредуваат на изумирање на пристапот „работно време од – до“. За нив, идејата за петдневна работна недела и „викенд работата“ на крајот ќе застарат.
По речиси три години откако е донесен законот, граѓаните и трговците „склучија примирје“ со неработната недела, која првично опфати повеќе од 90 отсто од работниците. Неофицијалните бројки покажаа дека прометот од неработната недела се прелеал во сабота и во понеделник. Одлично функционираат и продавниците во рамките на бензинските пумпи, кои работат деноноќно. Зголемениот промет од неделните пазарувања на трговците им овозможува без никаков проблем во Буџетот да го уплаќаат надоместокот од 2 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година. Средствата се наменети за Фондот за развој и човечки капитал. Работниците, пак, кои се ангажирани да работат во овој ден, ги добиваат заслужените дневници, а има сè помалку поплаки за нивните газди, потврдија и од Синдикатот, но и од Државниот трудов инспекторат.
И кога се чинеше дека работите влегоа во колосек, почнаа лобирањата и притисоците на дел од трговците, кои предизвикаа два незаконски пробива со вметнување нови дуќани или дејности што „морало“ да работат во недела. „Слободен печат“ веќе неколкупати предупредуваше дека е можно зголемување на апетитите и на други индустрии, по сесрдното „пробивање на патот“ за 60-часовна работна недела за коридорите 8 и 10Д. Граѓанските активисти го искажаа својот страв дека секоја индустриска гранка ќе може да ги злоупотреби измените во Законот за работни односи, со тоа што ќе се правда дека „нивното работење е од стратегиско значење“, формулација што беше искористена за изградбата на двата коридора. Така, првичната благородна идеја, според Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“, создаде „еден франкештајнски закон со повеќе од 47 дејности што може да работат во неделите, плус моловите. Последен во низата дејности што сака да работи во недела е секторот информатички технологии.
Пред што било да бараат, газдите треба да ги прашаат работниците дали сакаат да работат во недела или да останат дома со семејството? Студија од 2021 година, која ги следела шведските работници цела деценија, на пример, покажа дека работењето со пократки часови го намалува стресот, исцрпеноста и негативните емоции. Една друга студија од 2017 година покажа дека намалувањето на работните часови за 25 проценти го подобрува спиењето и го намалува стресот, додека истражувањето од 90-тите покажа дека работата од само шест часа дневно го подобрува семејниот живот на работниците.
Дали е нормално да се отвори голем маркет со само шест вработени? Дали е нормално ниту една банка да не работи по 16 часот? Дали е нормално само две негувателки да се грижат за група од дваесеттина дечиња во градинка? Нема возачи, нема трговци, нема лекари, еден службеник опслужува по неколку шалтери, јавно се бараат пензионери да ги пополнат дупките дури и за работа на лента. И наместо да се подржи, неработењето во недела постојано се проширува и растегнува. Истото се случува и за време на празниците.
Владата мора да го сосече ваквиот список на желби. Не смее да има компромис, бидејќи ќе останеме без работници, особено што има дејности што очајно и со месеци бараат луѓе за работа.