Фото: Facebook / peckooffcial

Непрежалениот стрип-јунак — Пецко на Дар-Мар со децении испраќаше критика за општеството, политиката и секојдневниот живот

Семејството на Марковиќ во 2021 година побара од Град Скопје да се постави камена спомен-плоча во Дебар Маало.

На денешен ден пред десет години нè напушти Дарко Марковиќ, најпознатиот македонски карикатурист, но и сатиричар, филмски режисер, аниматор, илустратор и дизајнер.

Кај многу генерации ќе остане запаметен како татко на популарниот стрип-јунак Пецко, во стриповите потпишани под псевдонимот Дар-Мар, кој е кратенка од првите три букви од неговото име и презиме.

Фото: „Слободен печат“

Стрип-јунакот Пецко, за првпат беше претставен пред јавноста во 1979 година, а со децении беше присутен на страниците на многу дневни весници (се појави во „Нова Македонија“, па во „Дневник“, „Време“ и во „Слободен печат“ ) и на ТВ-екраните, како серија анимирани филмови.

Марковиќ наоѓаше хумор во апсурдните ситуации, а со неговата умешност и проникливост успеваше да ги сатиризира секојдневните предизвици на обичниот народ. Преку очите на неговиот стрип-јунак Пецко, едноставното стануваше извонредно, а нормалното – апсурдно.

Фото: „Слободен печат“

Со острото перо и едноставен цртеж, Марковиќ пренесуваше силни пораки и критики за политиката, општеството и секојдневната реалност,  поттикнувајќи ги граѓаните на критичко размислување, а Пецко стана симбол на националниот хумор.

Фото: „Слободен печат“

Дарко Марковиќ е роден во Скопје во 1940 година. Како сценарист и сценограф, аниматор, стрип-цртач, илустратор и дизајнер, зад себе остави богато и уникатно творештво. Во 1966 година дипломира архитектура, а во 1972 година специјализира анимиран филм во Загреб, под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ.

Фото: „Слободен печат“

Професионалната кариера како карикатурист ја почна во 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 година работи како главен уредник на хумористично-сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.

Со филм активно се занимава од 1975 година, кога се вработува во „Вардар филм“, отворајќи го студиото за анимиран филм. Од 1978 година работи како слободен уметник, а во 1983 година е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје по предметот анимиран филм.

Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија „Скопје“. Од 1988 до 1995 година живее и работи во Лондон, по што се враќа во Македонија.

За своите карикатури и анимирани филмови, има добиено повеќе од 30 награди и признанија. За филмовите „Стоп“ и „Граница“ има Златен медал на Југословенскиот фестивал за краткометражен филм, Сребрен змеј за филмот „Циркус“ во Краков, Полска, осум Златни бубамари, награда „Мартини“ за неговите карикатури во Бордигера, Италија, наградата „Крсте Мисирков“, наградата на „Остен“ за животно дело…

Негови познати анимации се „Граница“ (1976), „Стоп“(1976), „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ (1976),„Бело топче“ (1977), „Циркус“ (1979), „Рака“ (1980),„Фасада“ (1996) и други.

Во 2009 година е објавена „Пецко: (У)кажувања“, позната публикација која содржи сатирични карикатури и стрипови, чиј автор е Дарко Марковиќ, а уредник е Сунчица Костовска Петровска. Поради успехот на првото издание, во 2011 година објавена и втора книга под наслов „Пецко: (У)кажувања 2“.

Почина на денешен ден во 2016 година, на 76-годишна возраст.

Семејството на Марковиќ во 2021 година побара од Град Скопје да се постави камена спомен-плоча во Дебар Маало. На петгодишнината од смртта, неговиот брат Ненад Марковиќ испрати предлог до Град Скопје.

– Драг Брате,

На 16 јуни 2016 се навршуваат пет години откога Ти нѐ напушти засекогаш. Останаа само спомени. Денес ни недостигаат твојата ведрина, оптимизам и хумор. И не само нам, на твоите браќа и сестри, туку на сите роднини, пријатели и познати, на сите оние што сакаа секое утро да те сретнат на страниците на домашниот печат и да им го разубавиш денот.

Затоа, денес, предлагаме до Републичкото собрание и Собранието на Град Скопје да донесат одлука за итно поставување камена спомен-плоча на куќата на аголот од улиците Дебарца и Никола Тримпаре, таму каде што си се родил, израснал, од каде што сите нас нѐ забавуваше и нѐ задолжи да го чуваме твојот спомен, затоа што радоста што со тебе влегуваше во нашите домови не се заборава. Тажна е земјата каде што се случува тоа.

Твоите, Оливера и Ненад – се вели соопштението на семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот