Неотпакувани, а расипани! Не викајте мајстор штом ќе помине гаранцијата, производот е за во канта!
Немојте да си ги губите времето и нервите ако ви се расипе некој кујнски апарат, откако му минала гаранцијата. Ова е неофицијалниот совет, кој „Слободен печат“ го доби од повеќето мајстори на разни брендови на бела техника
Епидемија од расипани, а ново купени апарати масовно се шири и на македонскиот пазар. Граѓаните не може да се израдуваат на тазе отплатената машина за перење, шпоретот со индукциска плоча, или болјерот, а веќе мора да се расправаат со трговците или да вртат по сервиси. Што ќе излезе од пакувањето е рамно на бинго. Во изминативе години неквалитетот на белата техника ги поминува сите граници, бидејќи и покрај високите цени речиси секоја втора машина за садови или за сушење, фрижидер, шпорет и плотна, а да не зборуваме за лаптоп-компјутерите, телевизорите и мобилните телефони, дома се носат со некој дефект.
И тогаш настапува втората фаза – отстранување на проблемот, што ќе ви ги истенчи нервите додека да ја исправите работата. На социјалните мрежи и по медиумите може да се слушнат и прочитаат и такви поплаки дека лаптопот се расипал поради погрешно вметнување на џекчето за струја! Или, пак, дека агресивното триење со абразивни средства е виновно за тоа што пукнала керамичката плоча на шпоретот!
-Купив нова машина за перење и тогаш почнаа проблемите. Кога центрифугира како да меле камења. Апаратот е под гаранција, а сервисерите си тераат мајтап, те не била добро центрирана, те сум перела помалку облека, те сум ставала спортски патики… Ќе дојдат и ќе ми одржат предавање, а тресењето и грдите звуци не прекинуваат. Толку сум очајна што дури и ја снимав машината, но повторно ме прават будала при очи – револтирана е Ана од Скопје.
Еден поранешен извештај на „Европскиот центар за потрошувачи“, го пренесе ставот на нивните истражувачи дека денешната бела техника или електронските уреди, намерно се направени со пократок рок на траење. Извештајот „Програмирана застареност, производ на потрошувачкото општество“ наведува бројни примери за тоа како потрошувачите добиваат финален производ кој веќе однапред знае кога ќе заврши. Како што се наведува, еден од случаите се нови машини за перење, кои се програмирани да издржат од 2.000 до 2.500 перења!
Дека граѓаните не зборуваат напамет, нотира и статистиката на Организацијата на потрошувачите, која лани добила дури 822 поплаки за купувањето на домашните апарати, од вкупно 1.523 пријавени проблеми во трговијата.
– Најголем број од поплаките се однесуваа на проблемите со остварување на правата од гаранција и сервисирањето на производите, особено на оние од белата техника и другите технички апарати. Револтот е присутен, бидејќи потрошувачите чекаат подолг рок производот да стаса на ред за сервисирање и да им биде поправен. Да не зборуваме за сè поинтензивната продажба на производи со фабричка маана и оштетување – посочуваат од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) за „Слободен печат“.
-Се решивме за фрижидер од една од најскапите европски марки и тој се расипа по кусо време. Сега седи како украс, оти ни рекоа дека овластениот сервис во земјава затворил. На шега ни препорачуваат да бараме сервис некаде во блиското соседство – вели друга скопјанка.
И во дел од водечките сервисни центри во земјава, се разбира анонимно не брифираат дека прашањето за квалитетот на техничките уреди е повеќе насочено кон глобалната економија и производство отколку на нив.
-Она што можеме со сигурност да ви го потврдиме е дека клиентите се поретко се одлучуваат за поправка по истекот на гарантниот рок отколку порано. Можната причина е дека техничките уреди веќе не се толку скапи, но најсуштествено е дека нема ниту мајстори, ниту резервни делови – велат стручни лица за „Слободен печат.
Што е „стручно програмирана грешка“?
Во истражувањето на „Европскиот потрошувачки центар“, е искажан сомнеж дека истрошеноста на производите во Европа е намерна планирана, така што потрошувачите се принудени почесто да купуваат. Најчесто тоа е „функционална грешка“ на некој производ. Кога само еден дел откажува, целата машина за миење садови, машината за перење или, да речеме, пеглата престанува да работи. Ова важи и за речиси сите електрични или електронски производи – телевизори, мобилни телефони, компјутери…
Експертите тврдат дека оваа појава се нарекува „стручно програмирана грешка“ и постои со години. Секој производ се тестира за издржливост, доколку се работи за механички производ, за точно определен број на работни часови и кој мора да одговара на гарантниот рок. Истото е и со електрониката, каде што (тоа е јавна тајна) често се воведуваат грешки од софтверот. Како што пишуваат странските медиуми, мобилните телефони (оние „паметните“) се посебна приказна, бидеќи често пати страдаат од „функционална грешка“. Дополнителна опрема е речиси невозможно да се добие по некое време бидејќи веќе не се произведува, а за најновите апликации ви треба и најновиот модел на смартфон.