Неокич

ФОТО: Утрински печат

Додека граѓанинот чека одговор од политичките елити, важно е да знае дека политичарите ја конституираат моќта, ја имаат моќта и ја проектираат моќта, само затоа што нивниот поглед кон светот претставува експресија на општеството онакво какво што е во моментов. Доколку општеството се промени, моќта исчезнува.

Денот е 5 ноември 2022 година, се наоѓам во малиот шведски град Нишопинг, безмалку 100 километри југозападно од Стокхолм. Силниот ветер проследен со ситен дожд ја манифестира вистината во стереотипите за скандинавското време. Поради тоа решавам автобусот да го чекам во еден мал киоск на самата станица. Ме стигнува здодевноста и ме принудува да разгледувам низ штандот за весници каде што прво ги забележувам магазините за луксузно домување. Потоа следуваат оние за технологија, брзи автомобили, бродови, авиони. Не сум сигурен поради која причина, позицијата или љубопитноста, неизбежно е да ги погледнам и магазините за јавните личности (celebrities), за убавина и секс.

Вака некако изгледа хронологијата на еден штанд со весници и во книгата на Роб Римен со наслов „To fight against this age“, кој во ваквиот редослед согледува рефлексија на цивилизациските вредности на денешницата. Или, нивната криза. Но, пред да ја развијам поентата, би сакал да напоменам дека книгава ја добив на заем од мојот повозрасен и попаметен пријател Предраг, во неговиот дом во Брисел. Низ еден неповрзан разговор на тема Европа, политика и филозофија, тој ме советуваше да го прочитам токму делото на Римен. Веројатно го насочија моите ламентирања за социјалните динамики низ Европа, но тоа сега не е важно.

Важно е дека Римен во своето дело преку еден сличен таков киоск суштински ја сублимира поентата на кризата во нашите цивилизациски вредности, поради која ни се случува сè она што го живееме денес. Целата наша жед за технологија, брзина, слава и пари е, всушност, феномен што прераснува во концепт на живеење некаде во почетокот на 20 век. Овој концепт Сократ го нарекува потрага по задоволство кое го оддалечува човекот од потрагата по големото добро и апсолутната вистина. Римен го нарекува општество на кич.

Многумина од нас ја чувствуваат одговорноста за преиспитување на доминантниот наратив на постојниот, нормиран свет. За жал, нишките на конформизмот сè повеќе ја потврдуваат безвременската практика на македонскиот интелектуалец. Како замаени од колективниот синдром на Петар Пан, одбиваме да се развиваме во насока на редефинирање на нашите животи. Во истата таа насока забораваме дека цивилизациски капацитет е и да кажете „не“ на сè што е социјален конструкт. Не постојат непремостливи околности или граници кога е во прашање човештвото. И физичките граници се тука бидејќи се човечка одлука, не бидејќи мора или дека е природно. Оттаму и секој наш обид за промена неоправдано влегува во костец со системската надмоќ.

Затоа не треба да изгледа како квантен скок од поимната граница доколку прашам: Што значи криза во цивилизацијата и нејзините вредности?

Вредносен квалитет наспроти вредносен квантитет

Изминативе две декади се одраз на процесот низ кој се распарчува суштината на живеењето. Целта на животот е задоволството во кое нема место за жртвување, напор или за ризик кон сознавање на вистинските вредности. Реалната вредност на успехот се повеќе се мери во квантитет, наместо во квалитет, па така достоинството на се она што значи индивидуа, добива номинална вредност. Наместо достоинство, секој од нас го дефинира „пазарната вредност“, во согласност со тоа колкав е акумулираниот материјален куп.

Општеството во кое живееме најчесто го воздигнува, а со тоа и го афирмира, успехот на личности од политичката, медиумската, спортската и од бизнис-елитата. Методологијата врз која се карактеризираат успесите на овие индивидуи се потпира на квантитативни вредности: најголема моќ, најмногу пари, најголемо влијание, најголема сила и најмногу награди.

Во еден друг, културен свет, вели Риман, дефинирањето на терминот елита се темели врз квалитет. На пример, најдобриот уметник не е оној што заработува најмногу пари или продал најмногу дела, туку уметник чие дело ги пробива временските граници и ги разгорува генерациските критики стотици години потоа. Во таа насока и животниот опус на секој еден човек би требало да биде поведен, но и да го понуди одговорот на прашањата од типот: Која е суштината на животот? Што можам јас да му понудам на светот, а што на идните генерации?

Додека граѓанинот чека одговор од политичките елити, важно е да знае дека политичарите ја конституираат моќта, ја имаат моќта и ја проектираат моќта, само затоа што нивниот поглед кон светот претставува експресија на општеството онакво какво што е во моментов. Доколку општеството се промени, моќта исчезнува.

Затоа е важно секогаш да се прашуваме, да го редефинираме и да го преиспитуваме секој норматив на овој кич. Никогаш не смееме да си го дозволиме луксузот на комфор во сопствениот и во општествениот светоглед, без критика и поглед во огледалото. Бидејќи така стануваме генератор на кризата во цивилизацијата што ита кон состојба на слободен пад.

Судир на вредносни системи на ниво на нации

Она што изостанува во делото на Риман (поради сосема друг контекст на наративот) е колизијата на вредносни системи помеѓу одредени нации. Имено, Западниот свет, кој со децении наназад неуморно ја проектираше својата синергија во вредносниот систем, втемелена примарно во духот на христијанството, доживува своевидна реконфигурација од почетокот на 21 век. Инкорпорирајќи вредности што не соодветствуваат со традиционалните, овој модел наидува на критики и отфрлање од општествата кои не се асоцираат со „Западот“. И не само тие, туку и во самиот западен свет судирот на мислења околу тоа што треба да се смета како вредност во едно општество е алармантен. Тука се надодава и моделот на Кина како алтернативен поредок што црпи легитимитет, меѓу другото, и од неуспехот на западниот модел.

Проблемот не е во судирот на концепти или множества на перцепции, туку во пристапот на западниот свет да го наметне својот модел на останатите земји, зад премисата на универзалниот карактер на вредностите што ги содржи овој модел. Остатокот од светот ова го разбира како културолошки империјализам и одбива да живее под наметнати вредности. Овие општества не се противат Западот да го практикува својот модел на функционирање, но секој обид за негова проекција во други општества го трасира курсот познат како „крајот на историјата“ во поглед на цивилизациските вредности и различности. Оттаму, кризата во цивилизацијата е воедно и перцепцијата на вредности во различни општества во даден момент, разбранета од неумешноста на човекот да постигне општествен договор со фундаментите на животот.

Кризата во цивилизациските вредности значи конфронтација со себеси, но и со светот. Низ еден таков преврат, не смееме да дозволиме рамнодушноста да ја превагне емпатијата низ историските наративи. И кога сме втурнати во теснецот помеѓу чувството на неприпадност и волјата за моќ, важно е свеста да биде прва што ќе се издигне на површината. Дотогаш, суштината на нашето постоење и потребата за придонес кон светот нека служат како основа за обмислување на просторот наречен живот. А, не кич.

(Авторот е политиколог)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот