Необични симптоми на долг ковид: Мирис на риба, сулфур и изгорена храна

Губењето на мирисот е еден од симптомите на коронавирусот, но некои пациенти со долг ковид-19 откриваат дека чувствуваат непријатни мириси неколку месеци откако биле заразени со коронавирусот.

Лицата кои боледуваат од долг ковид-19 пријавуваат дека чувствуваат силен мирис на риба, сулфур и слаткаст мирис, пишува „Скај њуз“. Невообичаената нуспојава, позната како паросмија (изменетост или нарушеност на сетилото за мирис), може несразмерно да влијае на младите и на здравствените работници.

Оториноларингологот д-р Нирмал Кумар, кој беше меѓу првите кои во март ја идентификуваа аносмијата, односно губењето на сетилото за мирис, како индикатор за заразата со новиот коронавирус, вели дека се работи за „многу чуден и единствен симптом“. Кумар за агенцијата АП изјави дека некои пациенти наведуваат дека чувствуваат смрдеж на риба наместо на кој било друг мирис, а други дека чувствуваат мирис на горење дури и кога во близина нема чад.

Кумар објасни дека ковид-19 е „невротропен вирус“, односно дека го напаѓа нервното ткиво и влијае на нервите на врвот на носот, што е шок за нервниот систем, а нервите не функционираат.

Доктор Кумар забележува дека меѓу илјадниците пациенти кои се лекуваат од долготрајна аносмија во Велика Британија, некои имаат паросмија.

Од март, па сè до крајот на мај не можев ништо да вкусам. Искрено мислам дека можев да загризам и свеж кромид и ништо да не почувствувам. Мирисот почна да ми се враќа во јуни, но ништо не ми мирисаше како што треба. Повеќето работи одвратно мирисаа, тој болно сладок мирис е тешко да се опише, бидејќи никогаш претходно не сум го почувствувала. И покрај тоа што претходно бев „зависник од кафе“, тој пијалак сега ми мириса на пиво и на бензин – изјавила Лин Корбет, која го изгубила сетилото за мирис и вкус, кога заболела од ковид-19.

Меѓу другото, постојат препораки за сите погодени од паросмија да се подложат на „мирисен тренинг“, кој вклучува душкање масло од роза, лимон, каранфилче и масло од еукалиптус секој ден околу 20 секунди со цел да се работи на постепеното враќање на мирисот.

Долготрајниот ковид (long Covid) е термин кој го опишува присуството на симптомите на коронавирусот, кои можат да продолжат со недели или месеци по почетокот на болеста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот