Ненов: За справување со енергетската криза лекот е прогласување на вонредна состојба

Марјан Ненов, Фото: Принтскрин /Утрински брифинг

Оваа криза ни ја направи енергетската мафија, а не објективните проблеми со недостиг на струја, вели Марјан Ненов, енергетски менаџер и граѓански активист. Државата, според него, се наоѓа во сериозна енергетска криза, но можеме да се справиме со неа доколку сите приватни енергетски капацитети кои се користат за потребите на домашното производство, се стават во функција на државните потреби. Ова може да се уреди со прогласување на вонредна состојба.

Ненов за „Слободен печат“ појаснува дека во случај кога би се прогласила вонредна состојба, државата би го превзела производството на сите приватни капацитети за производство на електрична енергија кои сега имаат комерцијално производство на струја и ја извезуваат во услови кога Македонија е доведена во ситуација интервентно да увезува и да плаќа пенали.

„Не произведува најмногу струја Битола, туку Скопје“, вели Ненов и додава дека најголемиот производител на струја во државава во моментов не е РЕК Битола туку ТЕ-ТО, кој има максимален капацитет од 220 мегавати, но таа произведена струја ја извезува.

– На оваа компанија струјата би ѝ се плаќала по номинална цена, што сепак за државата е поевтино одошто да ја купува на светскиот пазар, каде сега е многу поскапа.
Сегашната енергетска криза не е одраз на криза на светско или регионално ниво бидејќи повеќето земји немаат никакви проблеми со снабдувањето со електрична енергија, туку резултат на катастрофално лошото менаџирање со енергетскиот сектор. Како да не сакавме да ја предвидиме сегашнава ситуација и тоа во време кога, на пример Србија, купуваше струја по пониски цени и сега нема такви проблеми, туку ги празневме акумулациите и извезувавме струја во текот на летото, наспроти крајно неповолната хидролошка состојба, доведувајќи ги вештачките акумулации до критични водостои“, вели нашиот соговорник.

Ова, според Ненов, можеше да се избегне доколку државата навреме инвестираше во фотоволтаични централи кои сега можеа многу да ги намалат струјните пикови барем преку ден, но таа одбра да помага градење на мали хидроцентрали за профит на малкумина, а комплетно потфрли со гасификацијата.

„Шилегов уште пред четири години тврдеше дека гасификацијата на Скопје е готова работа, а каде е сега гасот“, потсетува Ненов.

„Слободен печат“ се обрати до компанијата „ТЕ-ТО“ за да добие податоци колкаво е моменталното производство на струја и колкав процент од него се извезува, но до објавувањето на овој напис не добивме одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот