Ненормално високите плати и катастрофалната политика на Бартомеу го „избркаа“ Меси од Барселона

EPA-EFE/Spanish Royal Soccer Federation

Каталонскиот тим го доживеа најголемиот удар во својата историја откако остана без најдобриот фудбалер на сите времиња.

Лионел Меси и дефинитивно си замина од Барселона, клубот во кој ја помина целата кариера и наскоро ќе потпише за францускиот ПСЖ.

Главна причина за заминувањето на Меси е  катастрофалната финансиска ситуација на клубот кој има долгови од околу 1.3 милијарди евра поради што не можеше да го регистрира договорот на Аргентинецот. За разлика од ПСЖ кој во француската Лига 1 нема никакви ограничувања, Барселона не можеше да го задржи Меси иако двете страни се договорија за нов петгодишен договор.

Најголем проблем за Барселона претставуваат ненормално големите плати на речиси играчи, а речиси неверојатно звучи податокот дека поради тоа клубот минатата сезона беше во минус од дури 487 милиони евра, што е најголема загуба во една година во историјата на фудбалот.

Фудбалерите на Барселона имаат ненормално големи плати поради што Меси не можеше да потпише новиот договор, а најголем виновник за таквата ситуација е поранешниот претседател Хосеп Марија Бартомеу кој клубот го донесе на работ на банкрот.

По заминувањето на Меси, најдоброплатен фудбалер во Барселона ќе биде Антоан Гризман со годишна плата од 23 милиони евра, Френки де Јонг има 20 милиони евра бруто годишна плата, по што следи Фелипе Кутињо со 18 милиони евра.

Шокантно делува податокот дека платите на Самуел Умтити и Миралем Пјаниќ кои не се наиграа минатата сезона изнесуваат 12 милиони евра, додека Серхи Роберто има плата од 10 милиони евра.
Интересно е што, легендарниот капитен на Реал Мадрид, Серхио Рамос кој ова лето потпиша за ПСЖ, најголемата плата на „Сантијаго Бернабеу“ ја имаше со последниот договор кој му носеше 12 милиони евра по сезона.

Исто како и аналитирачите, така и навивачите немаат дилеми, главен виновник е Бартомеу.
Поранешниот претседател на Барселона преплати играчи како Гризман, Кутињо и Дембеле за кои само за обесштетување плати речиси 400 милиони евра и им даде огромни плати. Бартомеу исто така ги крена платите на Умтити, Алба на 12 милиони, додека на Роберто на 10 милиони, а на Пјаниќ му даде три пати поголема плата од таа што ја имаше во Јувентус. Интересно е што новите засилувања на Барселона, Мемфис Депај и Серхио Агуеро заедно имаат помала плата од Пјаниќ иако пристигнаа како слободни играчи и можеа да бараат далеку поголеми плати.

Поради тоа дури 95 проценти од буџетот на Барселона за минатата сезона беше потрошен на платите на фудбалери, што е економски неодржливо. Според проценките на економистите, за еден фудбалски гигант да може да функционира, буџетот за плати не смее да биде поголем од 65 проценти од вкупниот буџет.

Катастрофалната политика на Бартомеу доведе до заминување на Лионел Меси, но експертите претпоставуваат дека „падот“ на Барселона ќе продолжи. Клубот повеќе нема толку голема финансиска моќ, поради заминувањето на Меси нема да биде атрактивна и на економски план, а исто така отсуството на Аргентинецот ќе се почувствува и на теренот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот