Немаат принтери и учебници, а за европски плати можат да сонуваат: Универзитетските професори би „фатиле магла“ од државата

фото: Pixnio.com

Во последнава деценија се поголем е бројот на луѓе кои се одлучуваат да ја напуштат земјата и да заминат во странство. Ваквиот тренд не ги одмина ниту квалификуваните и образованите лица во областа на општествените науки кои ја напуштаат државата или сакаат да го сторат тоа.

Според истражувањето кое го направи проф. Д-р Мишо Докмановиќ, насловено како „Воспоставувањето на критериуми за квалитет во општествените науки во функција на спречување на одливот на мозоци од Република Македонија“, една од причините за овој загрижувачки тренд претставува и фактот дека во земјата не постојат критериуми за тоа што се смета за квалитет во областа на општествените науки што се реперкуира на законските решенија (Закон за високо образование, Закон за научно-истражувачка дејност, итн.) кои не создаваат рамка во која би можело да се подобрат можностите на успешните студенти за вработување, но и развој на кариерата и конечно изразување во сопствената земја на универзитетските професори, соработници и истражувачи. Паралелно со тоа, овие законски решенија се предмет на постојана измена што ја доведува во прашање правната сигурност на нашите конституенти.

За целта на ова истражување беше составен прашалник кој беше испратен на 347 поединци од кои 81, односно 23,34%, одговорија на поставените прашања. Општоприфатениот стандард за процентот на испитаници во овој тип на анкети изнесува помеѓу 20 и 25% и истиот е задоволен во целост.

Во поглед на занимањето, 73,5% од испитаниците се универзитетски професори и асистенти, а 22,5% се истражувачи. Што се однесува до полот на испитаниците, 59,26% беа од женски пол, а 40,74% од машки пол. Во поглед на старосната структура, најголемиот дел од испитаниците беа на возраст од 31 до 45 години (58,02% од испитаниците), по што следеа испитаниците на возраст од 45 до 60 години (29,63%). На возраст од 18 до 30 години беа 9,88% од испитаниците, а од старосната група на над 60 години беа добиени само два одговора.

На прашањето – Доколку имате можност, дали би ја напуштиле вашата татковина и би живееле во странство, позитивно одговориле 69%, а пак 27 % рекле дека не сакаат да си заминат од земјата.

„Слободен печат“ стапи во контакт со неколку лица кои работат во областа на општествените науки, кои анонимно одоговорија на истите прашања и методологија како и во истражувањето.

– Да, сум размислувал многу пати да ја напуштам земјата и доколку добијам таква можност би заминал. Искрено, не сакам да го сторам тоа, но условите за работа кај нас се катастрофални, немаме доволно учебници, принтери и слично, па мораме самите да се снаоѓаме и од сопствен џеб да платиме за да можеме да ги подучуваме студентите – вели еден од професорите кои ги контактиравме, а спаѓа во групата од 31 до 45 години.

Во истражувањето беше поставено и прашањето за дефинирање на месечниот нето-приход, па така месечен приход од 300 до 500 евра имаат 27,16% од испитаниците, приход од 500 до 700 евра имаат 33,33%, а од 700 до 1.000 евра – 23,46% од испитаниците. Само 14,81% од испитаниците имаат месечни нето-приходи над 1.000 евра.

Од ова може да се заклучи дека и месечните примања на оваа група на обрaзовни работници е уште една од причините поради која тие би ја напуштиле земјата.

– Може да се каже дека и платата која ја добиваме е значително помала од периодот од пред десетина години. Па сметам дека и тоа е еден значителен фактор при размислувањето да се замине од државата. Во странство, покрај подобрите услови за работа, нормално е дека и месечниот приход е многу поголем и професијата е поценета и повеќе платена – ни одговори уште едно од лицата со кои разговаравме.

Најголем дел од испитаниците кои дадоа позитивен одговор на ова прашање би заминале во Европа (77,42%), а помал дел во Северна Америка (33,87%) и Австралија (14,52%).

– Доколку се одлучам да заминам од земјата би сакала тоа да биде некаде во Европа. Причината е едноставна, многу си блиску до дома. Сепак, ако се добие можност за заминување во некоја од прекуокеанските земји, зошто да не и таму. Но јас како асистент, би сакала да продолжам да работам тука, да напредувам и тука да ја градам мојата кариера. Доколку работите не се променат, тогаш и јас ќе бидам од оние кои ќе ги разгледуваат можностите за заминување – ни рече асистентка која работи на еден од факултетите кои се опфатени од истражувањето, а е дел од возрасната група од 18 до 30 години.

Професорот Докмановиќ на крајот од ова истражување споменува и неколку препораки кои се упатени до Министерството за образование, едно од нив е да се направи ревизија на постојните национални документи кои се однесуваат на прашањето на миграцијата. Истите треба да бидат приспособени на реалните услови на кои е фокусирано ова истражување, особено на потенцијалот за миграција во општествените науки.

Секако, тука се и препораките до универзитетите и истражувачките институции, а како прво се потенцира промовирањето на вложувањата во научни истражувања и развој, како и да се преземат мерки за мотивирање на врвните научници на универзитетите и институциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот