Нема зима за дрвокрадците

Нелегално сечење дрвја на Шар Планина / Фото: СП. архива

Најмалку шеесет милиони евра на годишно ниво изнесува заработката на дрвокрадците во Македонија, а овој еколошки криминал, кој има огромни штетни последици, невозможно е да опстојува без знаење и согласност на оние што би требало да го сузбијат – се вели во студијата изработена од Центарот за европски стратегии Евротинк.  

Големата заработка, но и помалата кривична одговорност успеаја да предомислат одредени криминални групи да ја сменат ‘дејноста’ и да се ‘преквалификуваат’ од наркодилери во дрвокрадци, кои најмногу продаваат огревно дрво, се вели во обемната студијата поддржана од Фондот за отпорност, Глобална иницијатива за борба против транснационален организиран криминал, а изработена од тим од шестмина домашни експерти од разни сфери поврзани со оваа проблематика.

Дека бројот на дрвокрадци, особено на оние пософистицираните се зголемува, укажуваат и податоците на полицијата, според кои во периодот од 2010 до 2020 година конфискувани се вкупно 4.238 возила и 6.626 средства за сеча (како што се моторни пили, секири, приколки, прицврстувачи и друга опрема). Конфискуваната бесправно стекната дрвена маса во последните десет години изнесува 26.927 метри кубни.

И покрај засилените активности на органите на прогонот, дивата сеча и трговијата со нелегално исечено дрво не престанува и се засилува во пресрет на грејната сезона. Се стравува дека сега на удар на т.н. „шумска мафија“ се повеќе од 10.000 хектари изгорена шума, посебно даб и смрека, кои настрадаа во годинешните пожари. Надлежните од ЈП „Македонски шуми“ веднаш по пожарите најавија дека ќе ги зголемат мерките за обезбедување на овие изгорени шуми, но поради нивната голема површина нивната заштита е тешка задача. Од друга страна, заработките од дивата сеча се голем мотив за криминалните групи.

Ако „легалната“ цена на кубик дрво за огрев се движи од 50 до 70 евра за кубик несечено дрво, на црниот пазар лесно се наоѓа украдено огревно дрво, чија цена се движи од 30 до 40 евра за кубен метар. Постојат најкритични жаришта на бесправна сеча, која се простора на осум региони. Станува збор за регионите околу Куманово, Кичево, Битола, Струга, Тетово, Скопје, Берово/Пехчево и во Гостивар – велат експертите упатени во овој криминален бизнис.

Дрвокрадците се организирани во добро координирани групи

– Безмалку секогаш станува збор за жители на села чија основна „преокупација“ е дрвокрадството. Оперираат во неколку групи. Првата група има за задача да одбере добри дрвја што ќе ги исече. Секогаш се избира тие да се крај пат за да може лесно да се натоварат. Незаконската сеча се одвива дење. Штом ќе направат пустош, првата група го напушта местото, па се чека да почне да се стемнува, при што на дело настапува втората група од бандата, која најчесто со стари и нерегистрирани возила ги товари исечените дрва и ги пренесува на безбедна локација. По патот додека се пренесува украденото дрво, групата има „камермани“ кои внимаваат случајно да не наиде шумска или редовна полиција и навреме да ги известат „колегите“ да побегнат. Украденото дрво се складира на сигурна локација, сè додека не се најде купувач – вели соговорник на авторите на студијата на „Евротинк“, кој е добро упатен во оваа проблематика.

Исто така, дрвокрадците имаат тенденција да бидат насилни и агресивни кон шумските чувари и полицајци и не се двоумат да користат огнено оружје. Досега тројца шумски чувари ги загубиле животите за време на службата. Во септември лани, петмина полицајци беа нападнати, а еден од нив беше сериозно повреден од дрвокрадци во близина на Велес.

МВР во соработка со други надлежни институции (Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, УЈП) од 2014 година наваму спроведува голема оперативна акција под кодно име „Гора“, чија цел е сузбивање на бесправната сеча. Од почетокот на акцијата поднесени се вкупно 1.334 кривични пријави против 2.204 сторители, а одземени се 97.843 кубни метри дрвна маса. Материјалната штета се проценета на повеќе од 335 милиони денари. Според евиденцијата на МВР, од 2010 до 2020 година наваму поднесени се вкупно 43.120 извештаи за бесправна сеча и поднесени се вкупно 7.734 пријави.

Според податоците на „Глобал форест воч“, од 2001 година наваму Македонија изгубила 38.600 хектари шумска покриеност, што е еквивалентно на намалување од 4,9 отсто од вкупниот шумски фонд.

„Пустошењето на шумите доведува до уништување на природните ресурси; загадување на околината; ерозии, поплави и свлечишта; штети на економскиот систем и ги ослабува пошироките структури на управување и владеење на правото“ – се предупредува во студијата насловена како „Пустошење на нашата иднина: Форми и модели на организиран криминал во бесправната сеча во РС Македонија“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот