Нема заострување на мерките, со ковидот „сè е под контрола“!?

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА

Комисијата за заразни болести проценила дека епидемиолошката состојба во земјава е стабилна, нема значително зголемување на бројот на хоспитализации ниту драстичен пораст на бројот на новодијагностицирани граѓани со ковид, па затоа нема да се воведат нови рестриктивни мерки, одговорија од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

„Нема промена на мерките за заштита од ковид-19. Сепак, не е исклучена можноста за воведување дополнителни, засилени мерки врз основа на епидемиолошката состојба. Контролата на мерките не е во надлежност на Министерството за здравство. Апелираме на дисциплинирано почитување на веќе донесените мерки и вакцинација. Единствено така ќе го спречиме натамошното ширење на вирусот“, велат од Министерството.

Во меѓувреме, во дел од угостителските објекти во главниот град не се почитуваат протоколите за заштита од ковид-19, кои предвидуваат дискотеките и ноќните клубови да бидат исполнети само до половина од својот капацитет.

Некои од локалите се преполни, а надвор се чека влез во долги редици. Вакцинален сертификат не се бара речиси никаде, а онаму каде што се бара, тоа се прави само формално, без редарот воопшто и да го погледне.

Според последната одлука на Владата од 15 ноември, влез во сите објекти на затворено ќе се дозволува само со две примени дози вакцина. Контролата на мерките во угостителските објекти е слаба точка. Пазарниот инспекторат, кој е надлежен да утврдува неправилности и прекршувања на протоколите, нема капацитет да го спречи групирањето и не може да постигне да испрати инспектори секаде.

Во болницата во Козле има 21 дете заразено со ковид-19, од кои две се на кислородна поддршка

Само за една недела, од први до 7 ноември, Државниот пазарен инспекторат извршил  вкупно 767 контроли на целата територија на земјата и составил 59 записници за извршените надзори. Во истиот период се донесени три решенија за прекршување на здравствените протоколи.

„И во претстојниот период контролите од ДПИ ќе продолжат со засилено темпо, со цел стриктна примена на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки во однос на ковид-19“, уверуваат од Државниот пазарен инспекторат.

Бројот на активни случаи во регионот и во Европа е алармантен, но во Северна Македонија здравствените власти уверуваат дека состојбата е под контрола. Активни во земјава се 7.859 случаи, од кои најголемиот број во Скопје, вкупно 3.691 пациент. Во Битола има 484, во Куманово 406, Прилеп 377, во Велес 353, во, во Кавадарци 329, а во Тетово 195.

Само 54 проценти од граѓаните на возраст над 40 години се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата на возраст од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 проценти, а две дози примиле само 46 проценти од граѓаните над 18 години. Епидемиолозите прогнозираат дека поради тоа што во Северна Македонија интересот за вакцинација на младата популација е низок, пандемијата со коронавирусот ќе се пролонгира барем уште една година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот