Нема време за чекање: Ветинг врз обвинителите и судиите мора да има

Фото: Профимедиа

Наредната недела во Собранието влегува Предлог закон со кој времетрањето на кривичниот прогон на функционерите ќе се смета откако тој ќе заврши со обавувањето на својата функција. Откако по шест години застаре обвинението за Никола Груевски во случајот „Траекторија“ кој побегна во Будимпешта и ја избегна затворската казна од две години за случајот „Тенк“, во јавноста се дигна голема врева дека ветинг врз судиите и обвинителите мора да има.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса за „Слободен печат“ вели дека проверката врз судската фела е макотрпна и обемна работа, но мора веднаш да почне за да се види колку тие се кредибилни во извршувањето на судска должност.

– За да се спроведе проверка, најпрво треба да се направи регистер на судии и обвинители од основните судови па се до Врховниот суд. Ако државата и овојпат не направи напредок во судските реформи ќе се пропушти можноста да станеме правна држава – вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.

Според Муса, македонските граѓани во изминативе 15 години се сведоци на нечесната работа на судиите и обвинителите, но последните 2 години на виделина испливало колку тие биле длабоко корумпирани. Нема ниту една минута време за чекање, вели Муса. Поранешниот антикорупционер посочува дека поради молкот на Судскиот совет кој е надлежен за нивната работата, во решавањето на проблемот треба да се вклучат и министерствата за правда и за внатрешни работи, но најмногу Собранието.

Во меѓувреме, владејачкото мнозинство најавува дека наредната недела до парламентот ќе достави предлог-закон со кој делата за кривично гонење на функционери нема да застаруваат лесно. Новина ќе биде времетрањето на кривичниот прогон на функционерот да се смета откако тој ќе заврши со обавувањето на својата функција.

Александар Кирацовски во изјава за „Слободен печат“ вели дека му било смачено да гледа како недолжни луѓе се оцрнуваат за многу поситни дела и завршуваат во затавор.

– Оние за кои ја поведовме целата борба за правда и праведност, додека бевме во опозиција, пред наши очи се извлекуваат и бегаат од заслужената казна. Иако мислам дека звучи иронично, правда суштинска и реална, мора да има. Овој закон и ветингот во праводсудниот систем ќе ја обезбедат. Се друго е ветар во магла – вели Кирацовски за „Слободен печат“.

Неодамна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека, за да се заштити државата од криминалот, Обвинителството треба да покренува постапки и за судии.Треба да се преземат радикални мерки, бидејќи влијанието и корумпираноста во државните органи доведоа до тоа, одлуките на обвинителството да бидат спротивни од правниот систем, посочи Спасовски.

– Имаме судски предмети кои по 4 години стојат во фиоките на судиите и обвинителите. Ова покажува дека системот не е функцонален. Ако имаме неказнивост за предмети по кои не се постапува и доаѓа до нивно застарување, одлуки за прекин на затворски решенија, и за тоа никој да не одговара, тогаш навистина имаме проблем. За да се докаже дека нема селективност мора да има сериозна одговорност и казнивост. Само така може да се докаже дека немаме селективност. Затоа перцепцијата на граѓаните е дека тие одговараат, а носителите на функции не. Генерален реизбор и кај судиите и кај обвинителите, мора да има, рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот