Нема визи за Британија, има поени

Предлогот на владата е од идната година на Островот да можат да доаѓаат само високообразовани кадри, и тоа само ако соберат доволно поени за да добијат виза за да можат да живеат и работат тука. Со акцент на – да работат. Потребни се 70 поени: 20 ако имате понуда за работа, 20 ако имате докторат во релевантна област, 20 ако сте добиле понуда од работодавач за плата од над 25.000 фунти и 10 поени ако зборувате англиски.

Нормално, кога нешто е премногу добро за да биде вистинито, обично, не е вистинито. Така барем велат. И не лажат. Освен ако не се во непосредното окружување на премиерот, тоа во врска со лагите мислам… ама мајка ми ми рече дека сум почнала да претерувам со критиките на сметка на БоЏо, што во суштина не е точно, јас допрва земам залет.

Но ајде, овој пат, да не почнам веднаш со него, тукушто се разведе човекот, односно постигна финансиска спогодба со втората законита сопруга со која има четири деца, мора да му е тешко и да е зафатен со броење. Што на пари, што на деца. Со првата има едно, со втората четири, но интересно, никако да одговори на прашањата колку деца всушност има – и брачни и вонбрачни (?!).

И кога сме веќе кај неодговорени прашања – кој плати за божиќниот одмор на Карибите со неговата партнерка, со која живее во „Даунинг стрит“ број 10, кој чинеше некаде околу 50.000 фунти за десет дена. Едно време велеа дека Англичаните за секс, за пари и за политика не прават муабет. Било непристојно. Сега од секс, пари и политика глава не можеме да кренеме. Во медиумите тоа, да не се разбереме погрешно. Ама премиерот е гласен само за политиката.

Виза за 70 поени

Но да се вратам јас на она за што помисливме дека е премногу добро за да биде вистинито и дури и Би-би-си го најави како – „нема визи за работа во Обединетото Кралство“! Леле, која вест, веднаш си помислив јас и половина, односно 49 отсто од оние кои гласаа за останување во ЕУ и речиси се фатив за телефонот да им кажам на моите, пакувајте куфери и вадете авиобилети, а ние доаѓаме на Лутон, Гетвик, Хитроу, Станстед, Сити аеродром, ако треба и до Манчестер ќе одиме, само вие слетајте, плус и еден натпревар со Манчестер јунајтед може да погодиме, на големо задоволство на мојата госпоѓа мајка, нивен верен навивач уште од далечната 1958 година.

Но, она „нема визи“ некако е двосмислено, односно навистина ќе нема визи, односно нема да добиваат визи голем број луѓе, кои досега добиваа да доаѓаат во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска да работат, главно, физички работи и со пониско образование. Или кои беа од ЕУ. Но од 1 јануари 2012 година, нема веќе слободен проток на луѓе од Европската Унија, па ќе бидат засегнати и оние, на пример, кои планираат, на пример, да дојдат тука и да работат, на пример, со бугарски пасош, на пример…

Предлогот на владата е од идната година на Островот да можат да доаѓаат само високообразовани кадри, и тоа само ако соберат доволно поени за да добијат виза за да можат да живеат и работат тука. Со акцент на – да работат. Потребни се 70 поени. Дваесет поени ако имате понуда за работа, 20 ако имате докторат во релевантна област, 20 ако сте добиле понуда од работодавач за плата од над 25.000 фунти и 10 поени ако зборувате англиски. Англискиот, образованието и понудата за работа се задолжителни. Ќе имало исклучоци, ама ова ќе бидат правилата.

Реакции и нејаснотии

Кој ќе бере јаготки? Моите другари Ричи и Бојан на времето се уверија дека тоа не е лесна работа и откако го спискаа сите пари во Лондон, побараа помош (финансиска) од родителите и се вратија дома со спомени и болни грбови. Кој ќе работи во градежништвото? Во угостителството? Кој ќе ги одржува лондонските хотели, каде што ги правеа првите бизнис-чекори некои тогаш млади членови на сегашната македонска опозиција? Кој ќе чисти по становите низ земјата, со, како што „обичат“ да ги нарекуваат, „европски пасоши“? Кој ќе ги негува низ домовите за стари и изнемоштени лица старите и изнемоштени лица? Кој?

Министерката на внатрешни работи, вели, осумте милиони Британци што седат дома и ништо не работат, па редно е да се фатат за работа, а работодавачите да ги обучат. Ете, тоа е решението. Но веќе има критики. Во тие осумте милиони имало болни, трајно неспособни за работа, луѓе што се грижат за болните и трајно неспособните… А Шкотска веќе најави дека планира да воведе свои визи, за слободен проток на луѓе, зашто англиските биле нефер. Проблеми на повидок.

Визи, за жал, визи

Во предлозите, една реченица ми го сврте вниманието и ќе чекам појаснување. Вели дека „посетителите, вклучувајќи ги оние од ЕУ, ќе можат да дојдат без виза на шест месеци, но нема да можат да работат“. Е, сега, ова го симнав од весник, и немам официјална потврда и малку ми е тешко за верување дека Англичаните ќе пуштат некого тука тукутака без виза. Остануваат уште 10 месеци да се разјасни ова, а во меѓувреме – визи, за жал, визи…

А тие визи… воопшто не е лесно и проклето е скапо и досега да се добие виза за престој тука – во формуларите има неверојатно индискретни прашања кои, ако треба да ги пополнуваат, на пример, Британците за да одат во некоја земја во странство, тука ќе се кренеше огромна врева и лутина. Весниците ќе пишуваа револтирано, на Твитер и Фејсбук ќе се организираа групи за спонтани протести, ќе се кажуваа искуства и колку луѓето се чувствувале понижени, коментаторите ќе коментираа како е тоа можно и на што личи таквото нарушување на приватноста, ќе имаше дебатни емисии со луѓе од сите слоеви на општеството, а комичарите ќе пополнуваа термини исмевајќи ги обичаите на земјата која се осмелила на Британците дури да им бара да кажат на која страна го носат – патецот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот