Нема руска виза за двајца американски сенатори

Двајца американски сенатори синоќа не добија руски визи како дел од конгресна делегација што наскоро ќе отпатува во посета на Москва во која се вклучени демократи и републиканци.

Се работи за републиканскиот сенатор од Висконсин, Рон Џонсон и сенаторот Крис Марфи, демократ од Конектикат, членови на сенатската Комисија за надворешни работи. Двајцата во своите настапи досега искажуваа критики кон власта во Москва.

Таквиот потег следува еден ден откако викендов на самитот на Г-7 во Бијариц, Франција, се создаде недоразбирање околу тоа дали Русија треба да биде примена назад во групата најразвиени демократии. Земјата беше дел од групата до 2014 година во која сега членуваат САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија.

Како одговорна за окупацијата и присоединувањето на Крим, и воениот конфликт во источна Украина, Русија беше отстранета од групата што дотогаш се нарекуваше Г-8.

– Со укинувањето на досегашните договори за ограничување на вооружувањето, и со зголемената опозиција на авторитарното владеење на Владимир Путин во својата земја, кревките односи помеѓу двете држави се наоѓаат во ризична фаза. Голема штета е што Русија е незаинтересирана за дијалог, изјави Марфи по повод отказот да патува за Русија.

Група на демократски сенатори испратија писмо до претседателот Доналд Трамп синоќа изразувајќи несогласување Русија повторно да биде прифатена во Г-7, повикувајќи се на окупацијата на Крим.

Руската амбасада во Вашингон во изјава укажа дека Џонсон „не аплицирал за виза во нашата амбасада и не информираше за своите планови”.

Руските власти повеќе пати досега одбиваа визи за конгресмени од САД, посебно оние кои се критични во однос на власта на Путин и заговараат санкции против Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот