Нема протоколи, па во струшко ги клукаат со „бомби“ од антибиотици за ковид-19!

Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

На пациент во струшко воден од интернист, кој имал коронавирус, препишана му е терапија што доколку ја примал како што му била дадена, ќе настанело труење со медикаменти. Ваквото препишување на долг список лекарства без потреба, бил стандарден во овој регион, каде смртноста споредено со останатите делови од Македонија е трипати повисока од просекот. Оттука се поставува и прашањето, дали несоодветното препишување лекарства е причина за високата смртност кај нас. Случајот го објави доктор Никола Пановски, професор на медицинскиот факултет, откако претходно со неговото мислење се согласиле и други врвни стручни медицински лица, матични лекари и професори. 

Пациентот кој бил на домашно лекување, а не во болница, добил препорака од интернист, а потоа и рецепти од матичниот лекар да си купи лекови во преголеми количини и во несоодветни комбинаци и за среќа не ги земал по препораката и не дошло до труење. Препишано му било да зема три антибиотика одеднаш, Панцеф 10 дена, Сумамед 6 дена и Моксирал 10 дена. Не само што лекување со три антибиотика одеднаш е несоодветно, туку и времетраењето на терапиите било двојно!

Освен оваа комбинација на пациентот му биле препишани ампули Неваксон, Аминофилинум, Новалгетол, Урбасон, Фамотидин, да ги прима двапати дневно во инфузија, клексан и уште три суплементи во таблети.

– Пациентот ги купил сите лекови за 7000 ден, за среќа налетал на мои совесни колеги кои го пратиле на друг интернист и избегнато е труење со медикаменти. Се работи за регион во Македонија каде смртноста од Ковид е три пати повиска од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија. Како стручен за антибиотици нагласувам дека Сумамед се пие 3 дена, никогаш не се комбинира со Моксирал, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот. Пред се, не прави штета, вели доктор Пановски порачувајќи и на Лекарската комора, на Министерството за здравство под итно да преведат протоколи за ковид-19 и да ги објават.

Состојбата се вика полипрагмазија и значи неоправдана и непотребна истовремена употреба на повеќе лекови при што не се води сметка за тоа како тие лекови си меѓудејствуваат, што како последица може да доведе до низа нуспојави. Пановски посочува дека совесните матични лекари се под голем притисок од пациентите да препишуваат, а штетата од тоа е огромна и во смисла на смртноста.

– Волку лекови ни здрав атлета не би издржал. Сумамедот кој го даваат шест дена, тоа не е правилно. Сумамедот се дава три дена зашто има продолжено дејство од 10 дена, тој и после трите дена си делува. Ако се пие подолго има токсични манифестации. Не се комбинира со Моксирал зашто имаат ист спектар на дејство, делуваат врз истите бактерии. Самата состојба со 39 смртни случаи вчера, покажува, дека ако ваквите терапии делуваа ќе имавме најдобри резултати од цел свет. Несакајќи направивме експеримент. Секој си тера своја терапија зашто нема протоколи. Со 13 лекови може да се случи се, се уништува нормалната флора, имаат токсично дејство, интеракции меѓу себе, преголеми дози. Фармацевтите во аптеките на вакви дози кои не се познати, треба да реагираат и да го предупредат пациентот дека не се пие а не да бидат само продавачи, вели доктор Пановски.

Матичните лекари се децидни, никој не им дал протоколи како да лекуваат пациент што има коронавирус. Тие самите, со нивното искуство, одредуват терапија, ги следат симптомите на пациентите, но без насоки.

– Никој не ни даде протоколи од почетокот на пандемијата. Правиме крвна слика на пациентот, следиме седиментација, симптомите, ги праќаме на рентген, прегледи и контроли и се грижиме за нив на таков начин. Има различни пациенти. Еден пациент четврти пат се тестира и добива позитивен резултат а нема никакви симптоми. Ако симптомите се слаби и неизразени, тогаш следуваат течности и витамини. Но, пациент со секундарна инфекција и слаб имунитет, дијабетес, повеќе болести, повозрасен, тогаш за него препишуваме антибиотици, Сумамед, Панцеф, зависно од тоа кој е алергичен на што. Секој си е засебен случај, Јавното здравство има многу недостатоци и треба да помине на курс во приватното здравство. Треба многу да се смени во односот кон пациентот, изјави за ,,Слободен печат”доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на здружението на матични лекари.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ изјавија дека ако некој пациент смета дека неговиот матичен лекар или специјалист ги нарушиле здравствените протоколи или го загрозиле животот на пациентот со неправил на терапија, случајот веднаш да го пријават во Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

„Матичните лекари и специјалистите користат терапија за третман на ковид пациенти во зависност од клиничката слика на заразениот. Не постои специфична терапија за лекување на вирусот Ковид 19. Нема лек, за овој вирус чија  симптоматологија  е слична на грип. Третманите за лекување на пациентите се движат од трапии со кои може да се ублажат симптомите, или пак терапија како би се спречила прогресијата на болеста, или да се спречи вирусот да создаде компликација во организмот на заразениот. Пациентите со блага и лесна клиничка слика се лекуваат со антипиретици и витаминска терапија, доколку болеста не прогресира. Матичните лекари уште на почетокот на пандемијата имаат „патека“ по која треба да постапуваат доколку на пациент му се влоши состојбата или има потреба од хоспитализација. Во ковид одделенијата постојат протоколи за лекување на хоспитализирани пациенти, пациенти со тешка клиничка слика и овде станува збор за стручни насоки направени од експерти во областа, каква терапија и во која форма треба да му се даде на пациентот кој е на болничко лекување”, ни одговорија од МЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот