Нема промени на цените на горивата во Грција по нападот во Саудиска Арабија

Фото: Архива на „Слободен печат“

Министерството за животна средина и енергетика на Грција и Министерството за развој и инвестиции на Грција внимателно ги следат случувањата на домашниот пазар на нафта и подготвени се да се справат со евентуални шпекулации поради текот на меѓународната цена на црното злато, е заклучокот од состанокот за случувањата на меѓународниот пазар на нафта и последиците на домашниот пазар, одржан во грчкото Министерство за животна средина и енергетика, jави дописничката на МИА од Атина.

По нападот во Саудиска Арабија, надлежните министерства и инволвираните страни одржаа состанок по кој рекоа дека ја следат ситуацијата на меѓународниот пазар на нафта и истакнаа дека не постои причина за загриженост за евентуално зголемување на цената на горивото.

– Сите инволвирани ја пренесоа пораката дека не постои посебна причина за загриженост, бидејќи многу од продажните места веќе го апсорбира малото зголемување на цените на големо и конкуренцијата функционира. Нема проблеми со снабдувањето. Резервите се доволни, а грчките рафинерии се флексибилни бидејќи можат да купат и преработуваат нафта од различни извори, рече заменикот министер за енергија на Грција, Герасимос Томас.

– Сакаме да ги увериме потрошувачите дека нема причина за загриженост. Механизмите за контрола се на терен, контролите продолжуваат, не е забележан никаков знак на шпекулација, рече заменикот министер за развој, Никос Папатанасис, веднаш по состанокот.

Паралелно, од Министерството за развој и инвестиции на Грција, соопштуваат дека по геополитичките случувања на Блискиот исток, внимателно ја следат ситуацијата и влијанието врз домашниот пазар на гориво. Во тие рамки, спроведуваат редовни контроли на цените, а формираа ад-хок тим за следење, регистрирање и анализа на меѓународните цени.

– За сега, пазарот се движи во нормален ритам и не се забележуваат отстапки во цените, во споредба со изминатиот период, соопштуваат од Министерството за развој и инвестиции на Грција.

Според официјалните податоци, нема промени во цените на горивата во Грција. Во текот на вчерашниот ден, безоловниот 95 бил во просек 1,59 центи за литар, безоловниот 100, чинел 1,81 евро, а дизелот, едно евро и 38 цент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот