Нема правда, нема економија

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Владеењето на правото не е тема што ги засега само инвеститорите, туку и работната сила. Дури 36 отсто од младите изјавиле дека би си заминале од земјава затоа што се фрустрирани од политичката ситуација.

Бегството на Сашо Мијалков уште еднаш докажа дека правдата се заобиколува со пат преку граница, дека правната држава селективно функционира еродирана од корупцијата, дека во институциите има „јатаци на груевизмот“. Вакви пораки, за жал, стигнуваат и до инвеститорите, било да се домашни или странски, со што се влошува бизнис-климата за инвестирање. Но, вакви пораки стигнуваат и до младите, до студентите, до идните лидери и бизнисмени. Се поткопува целото општество, „пука“ по сите рабови, а во тие пукнатини покрај моралот и правдата, неповратно се губат и пари.

Правната држава и владеењето на правото, иако изгледаат како неекономски теми, имаат големо влијание врз економијата. Еден од пресудните моменти при инвестирањето се токму овие прашања – каква е правната сигурност, каква е правната еднаквост, какви се законите, како функционираат во практика, какво е судството…

По бегството на Мијалков, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски изјави: „Ако сакаме да зборуваме за владеењето на правото и да ги увериме сите оние од кои зависиме – домашните и странските компании што сакаме да ги донесеме, мора да ги убедиме дека тука има ред“.

Но, владеењето на правото не е тема за која треба да се убедуваат само инвеститорите, туку и работната сила. Многу млади што си заминале од земјава и кои се покажале како успешни стопанственици, научници или лекари во странство, раскажувајќи ја својата приказна, кажале дека си заминале оттука и затоа што биле незадоволни од вработувањата со партиска книшка, од начинот на напредување, од организацијата на работата, од правната држава. На овој начин државата неповратно го губи човечкиот капитал во кој се вложени многу народни пари.

Анализата на Мрежата за спречување одлив на мозоци, објавена пред нешто повеќе од една година, покажа дека државата губи по 15.848 евра на годишно ниво за секој отселен млад човек. Според резултатите, дури 36 отсто од младите изјавиле дека би си заминале од земјава затоа што се фрустрирани од политичката ситуација! Засега, заминувањето од земјава е речиси невозможно поради ковид-кризата, но нема да биде изненадување ако веднаш, по враќањето во нормала, продолжи тој тренд. А, зарем има попоразителен податок за една држава од тој дека ја напуштаат младите?

Друго прашање е што и како научила младината, од која (таа што ќе остане) треба да се формираат идните бизнисмени, директори, раководители и работници. Таа младина растела и созревала со приказни за тендер-мајстори, за прислушувани разговори и за недопирливи за правдата. Дефинитивно, многу лоши лекции…

Тешко се чистат остатоците од „заробената“ држава и од „заробените“ институции. Но, бегството на Мијалков никако не смееше да ни се случи – со тоа уште понедостижни станаа и правната држава и успешната економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот