Нема повеќе 24 часа греење во Автокоманда, парно ќе има како и за сите други – од 6 до 22 часот

Парно, радијатор / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Потрошувачите од населбата Автокоманда, приклучени на ЕСМ Енергетика, кои досега имаа парно 24 часа, сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот како што се снабдува целиот град, а средната дневна температура во просториите ќе се движи од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија.

Од ЕСМ велат дека станува збор за 2000 потрошувачи на Енергетика, од вкупно 4 000, кои од 1 февруари се префрлени на мрежата на ЕСМ Снабдување, додека за другите 2 000, кои не се префрлени, во следниот период ќе се направат технички подготовки за од следната грејна сезона да добиваат греење како и останатиот дел од градот.

По воведената промена, како што тврдат од ЕСМ, сметките во населба Автокоманда нема да се покачуваат како што се појавија шпекулации, а сметките на училиштата, градинките, деловните објекти и други институции и ќе се намалат до 45 отсто.

Причината за воведените промени е тоа што ЕСМ Енергетика ќе ги стави надвор од употреба старите парни котли, кои немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето беше испорачувано 24 часа со енормна потрошувачка на гас. Котлите се градени во едно друго време и за друга намена, а тоа било снабдување со технолошка пареа на производните металуршки капацитети во комплексот „Железара“ и од тие причини испораката на топлинска енергија преку нив со овие цени на гасот е неодржлива. Поради старата технологија, овие котли при работењето значително ја загадуваат и околина – објаснуват од ЕСМ.

Оттаму додаваат дека ако се продолжело со истиот начин на работа, со овие цени на енергенсите, тоа ќе чинело дополнителни 15 милиони евра од буџетот по грејна сезона.

Тоа значи дека или сите граѓани на Р. Северна Македонија преку буџетот ќе плаќаат за одреден број потрошувачи да добиваат греење 24 часа, или сметките на СИТЕ потрошувачи во Скопје ќе бидат значително повисоки – тврдат од компанијата.

Од 62 000 потрошувачи во Скопје, во кои спаѓаат домаќинства, деловни објекти и институции, 57 500 се снабдуваат преку новоформираните фирми ЕСМ Производство, Дистрибуција и Снабдување, односно преку главната градска мрежа која претходно ја оперираше БЕГ, 4 000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата на ЕСМ-Енергетика и 500 преку топланата Скопје Север.

Треба да се има предвид дека ако нема средства од буџетот за поддршка на АД ЕСМ во оваа енергетска криза, може да се случи и воопшто да нема греење, и затоа е потребно рационално користење на ресурсите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот