Нема напредок за учебниците по историја, прашањето за Гоце Делчев не било отворено

Фото: mia.mk

Изминатите два дена Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија ја одржа 12-та средба. На неа не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, а не била постигната и согласност во однос на прашањата што се поврзани со средновековието. Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако било на дневен ред.

Според предложениот дневен ред за работа, соопштија денеска од МНР, тема на дискусија биле прашањата поврзани со содржината на Записникот од 10-та средба, изготвување на препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

– Во однос на прашањата со записникот, членовите на Комисијата го усвоија записникот и беше утврдено во текот на месец март членовите на Комисијата да работат на усвојување на записникот од 11.-та средба и Годишниот извештај на Комисијата. Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на продолжената на дискусијата за учебниците по историја, на оваа средба, Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред, се наведува во соопштението од МНР.

Дискусијата по овие теми, најавуваат во соопштението од МНР, ќе продолжи на следната средба на Комисијата, која треба се одржи на 22 и 23 април 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот