Нема најава за носење на законите поврзани со антикризните мерки за ковид-19

Во Собранието сѐ уште нема најава за одржување на пленарна седница, а владејачките партии и опозицијата продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за одолговлекувањето на носењето на антикризните мерки за ковид-19. За денеска во Собранието нема закажано ниту една активност, а утре претседателот на Собранието има редовен месечен брифинг со новинарите, ќе се одржи седница за поставување пратенички прашања, а најавен е и виртуелно 18. Состанок на мешовитиот комитет Северна Македонија – ЕУ.

И покрај декларативните изјави дека мерките треба да се донесат и да се продолжи кризната состојба, ниту една од партиите не отстапи од својот став. Претседателот на Собранието Талат Џафери на неопределено ја одложи 36. седница на која на дневен ред се законите за мерките за ковид-19, но и продолжувањето на кризната состојба и интерпелациите поднесени од опозицијата, а Владата ги повика пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од „тој деструктивен начин на дејствување“.

Владејачката СДСМ ги обвини сите опозициски партии во Собранието дека прават се за да се блокираат процесите важни за граѓаните и за иднината на државата.

Пратеникот од СДСМ Коста Костадинов на прес-конференција кажа дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со неформалните коалициски партнери Алијанса и Левица, заеднички учествуваат во блокирање на законите кои обезбедуваат реализација на економски мерки од четвртиот и петтиот пакет

Како што рече, срамно, безобразно и понижувачки е пратеник да им вели на граѓаните да се стрпеле некој месец без плата, за истиот тој да дојде во Собранието, да не се појавува на седници и да зема месечна плата неколкукратно поголема од минималната плата. За Костадинов, опозицијата воопшто не се грижи за здравјето на граѓаните и нивните колеги пратеници.

– Пратениците од сите политички партии имаат обврска пред граѓаните да си ја работат работата, за што земаат плата. Ако сакаат ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица да блокираат нека ги вратат платите овој месец, затоа што освен блокади ништо друго и не сработеа, рече пратеникот Костадинов.

Покрај законите кои се однесуваат на економските мерки, опозицијата обвини тој, кочи и десетици закони кои се важни за развој и напредок на државата и институциите, како законот за административни службеници, за високо образование, за внатрешни работи, за работни односи, измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, Законот за културно наследство, Законот за нов Клинички центар, финансирањето на новиот еколошки јавен превоз во Скопје…

– Во услови кога државата, целото општество се уште се соочуваат со коронавирусот, опозицијата се противи на продолжување на кризната состојба. Кризна состојба на целата или на дел од територијата се прогласува уште од 2015 со мигрантската криза и досега никогаш не била оспорена или проблематизирана, рече Костадинов.

Како парламентарно мнозинство, потенцира тој, ќе ги искористиме сите деловнички и законски можности, сите закони во интерес на граѓаните да бидат донесени и реформите да продолжат.

Владејачките партии СДСМ, ДУИ и Беса имаат мнозинство од 62 пратеници. Двајца пратеници од мнозинството не можат да учествуваат во работата на Собранието поради ковид-19. Собранието нема кворум и не може да носи закони без поддршка на опозицијата. Кризата во Парламентот настана откако парламентарните партии не успеаја да се договорат за 36.Седница. ВМРО-ДПМНЕ бараше посебна седница за законите поврзани со ковид-19 и кризната состојба додека власта од пратениците бараше тоа да биде на закажаната 36. Седница и да се изгласа дневниот ред на седницата за да се работи и по други точки.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека проблемот со мнозинството во Собранието може да се реши само со избори.

Портпаролот на партијата Димче Арсовски вчера на прес-конференција изјави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ја кочат работата на Собранието, напротив тие се проактивни за многу теми кои што се од интерес на граѓаните.

Според него, доколку власта сакаше односно СДСМ да биде изгласан петтиот сет на мерки и да се помогне на стопанството тоа можеа да го направат дента кога се гласаше доверба на владата на Зоран Заев, бидејќи две недели порано беше претставен петтиот сет на мерки и можеа тогаш да го изгласаат.

– Но, зошто не го направија тоа? Тоа не го направија бидејќи и самите ним не им одговара да биде изгласан петтиот сет мерки затоа што немаат пари во Буџетот, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.

Алијанса на Албанците и Алтернатива блокираат околу 20 закони со над 32 000 амандмани, а меѓу нив е и одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и сверната граница.

Координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи вчера го повика претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже седница и да распише избори.

– Многу е битно кој прв почна. Го повикувам претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже седница и да распише пред парламентарните избори. Не сме виновни за блокадата, виновни се СДСМ и ДУИ, рече Реџепи потенцирајќи исто така дека тие не отстапуваат од законот за државјанство и бараат да се усогласи со законот на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот