Нема ли тајвански вакцини, бидејќи оние од Кина ќе стигнат на кинеско куково лето

Но освен смеата, друго и не ни останува. Очигледно е дека Македонците ќе чекаат уште долго да бидат вакцинирани против ковид-19, иако вакцинацијата, полека но сигурно, ќе стане еден од условите за патување во странство и посета на разноразни натпревари, концерти и слично.

Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека е вратен авансот за кинеските вакцини поради „наша безбедност“, додавајќи дека тоа не значи дека тие нема да пристигнат во државава.

Кинескиот „Синофарм“ ѝ го врати авансот на Македонија за испорака на вакцините

Ваквата вест ги зовре социјалните мрежи. Македонските твитерџии и овој пат со своите досетливи објави, слично како и со случајот со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, почнаа да се шегуваат на сметка на министерот за здравство Венко Филипче и на Владата.

„Ова со вакциниве може да се реши единствено ако излезат од министерство за здравство и играат Јерусалема во парк-шума Гази Баба“.

„Цел свет: Која вакцина ја прими? Нашата земја: Кој сој го фати?“

„Кој цркне, нема да добие вакцина, да знаете“.

„И сега цел народ во рацете на таму некој си Славе вработен по партиска линија во МЗ што ја спремал документацијата ама му снемало тонер во принтерот и го мрзело да го протресе за да го испринта баш тој лист што им фали на Кинезите“.

„Вакцините ќе стигнат на кинеско куково лето“.

„Нема ли тајвански вакцини?“

„По Марко Поло да ги пратеа, ќе стигнеа до сега“.

„Поздрав до сите што се регистрираа на ваксајнс.мк и мислеа дека фатиле ред за вакцина“.

„Да резимираме, без српската донација, Македонија досега успеа да обезбеди 0 (нула) вакцини. Дур да се усогласува документацијата со Кинезите, грабајте ‘Џонсон и Џонсон’ со време, ова е веќе најнесериозно играње со живот и здравје на луѓе“.

„Филипче нејќе да шпекулира кога точно нема да ги добиеме вакцините. Фер“.

Ова беа само дел од коментарите на Твитер.

Но освен смеата, друго и не ни останува. Очигледно е дека Македонците ќе чекаат уште долго да бидат вакцинирани против ковид-19, иако вакцинацијата, полека но сигурно, ќе стане еден од условите за патување во странство и посета на разноразни натпревари, концерти и слично.

Освен шегите, она што особено загрижува е тоа што колку подолго чекаме вакцини, толку повеќе се засилува антиваксерската пропаганда во земјава. Па, така, антиваксерите на социјалните мрежи напаѓаат со тврдења дека вакцините се неиспитани и дека се штетни, дека од кинeските вакцини многу луѓе починале во Србија.

„Никој не зема аванс за експеримент. Тие ќе им платат на нашите власти да ја испробаат вакцината врз Македонците“.

Има и такви што пренесуваат наводни преписки меѓу Срби на социјалните мрежи, а кои, како што се тврди, се доказ за штетноста на вакцините.

„Сведоштва од преписки во коментари и пораки на страдалници, после вакцинацијата во Србија, кои ниту една телевизија нема да ви ги каже. Ова е само дел, а колку има, никој не знае, но веќе по втората доза масовно се разболуваат, хоспитализираат и умираат. Народот рика од болка по најблиските“.

Да се надеваме дека според зборовите на министерот Филипче, масовната вакцинација во Македонија ќе почне овој месец и дека нема да чекаме да стекнеме природен имунитет за да се вратиме на нормалниот живот. Судејќи според коментарите на граѓаните, интерес за вакцини има, но колку тој ќе опстои е прашање, имајќи ја предвид силната антиваксерска кампања на која властите и тоа како мора да обрнат внимание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот