Нема лекари што сакаат да работат со затвореници

Затворот во Идризово, Фото: МИА

Сите 12 затворски установи во земјава имаат потреба од здравствен кадар, општи лекари, стоматолози, психолози и психијатри. Надлежните велат дека досега имало неколку огласи за прием на стручни лица, но немало интерес во јавноста. Тие сметаат дека владините институции треба да ги обноват огласите и на идните лекари во затворите да им понудат бонуси на платите или бенефициран стаж.

– Во речиси сите казнено-поправни домови во земјава (вкупно 12) недостасува општ медицински кадар, како и психолози и психијатри што ќе се грижат за здравјето на осудениците и притворениците. Во затворите во Македонија не се следи менталното здравје на осудениците и не примаат соодветна терапија – вели Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет.

На пример, осудено лице, кое казната ја отслужува во битолскиот затвор, има видно нарушена психичка здравствена состојба. За него се грижат осудените лица и затворската полиција кои го пресоблекуваат и му ја даваат медицинската терапија пропишана од доктор психијатар. Здравствената состојба на лицето не е редовно следена од стручно медицинско лице поради што постои загриженост и дека терапијата што моментално ја прима не е соодветна на неговата здравствена состојба, се вели во последниот извештај на Хелсиншкиот комитет.

Во овој Извештај се констатира дека малолетниците, кои се на издржување на казна затвор во охридската казнено-поправна установа, немаат услови за следење училишна настава. Во овој затвор има само двајца воспитувачи за основно образование, а за средно нема.

– Тетовскиот затвор има капацитет од 48 легла, а има исто толку затвореници. Сите тие имаат мобилни телефони иако тие се забранети. Штипскиот затвор има 210 легла, а во него има 212 затвореници. Во струмичкиот затвор бележени се чешмите од кои може да се пие вода, додека надлежните од кривопаланечкиот затвор немаат на располагање службено возило. Доколку треба да се пренесе затвореник до суд или болница, тој се превезува со приватните возила на стражарите. Во однос на просторните капацитети, материјалните услови и хигиената во речиси сите затвори забележана е и влага, мувла и непријатна миризба. Во ниту еден затвор во земјава нема инсталирано систем за повикување/алармирање поради што во случај на итност осудените лица треба да ги повикуваат вработените со викање или тропање на вратите. Во затворите речиси и да нема тимови за ресоцијализација, а во повеќето од нив нема вработено ниту правник – констатирале експертите на Хелсиншкиот комитет.

Видео на денот