Нема гаранции дека Бугарија ќе го прифати акцискиот план

Фото: facebook

Никој не гарантира дека актуелната бугарска влада ќе го прифати акцискиот план за секторска соработка до крајот на мандатот во април и дека ќе учествува на втората меѓувладина конференција што треба да се одржи во Скопје, или тоа, можеби, ќе биде идниот владин кабинет на Бугарија.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, вчера во интервју за БНТ рече дека „датумот на одржувањето треба да биде објавен од двете земји“, а бугарското МНР по завчерашната неформална средба на Захариева со македонскиот колега Бујар Османи, закажувањето на меѓувладината комисија средбата го нарече „евентуално“.

Откако во декември Бугарија стави вето во Брисел за преговарачката рамка за Македонија, со образложение дека не се почитува Договорот за добрососедство од 2017 година, македонската влада игра на картата наречена Акциски план, со кој Договорот ќе се „врати во живот“ и ќе се забрза неговото усвојување. Македонија инсистира во тој план да се зборува само за секторска соработка во здравството, образованието, медиумите, инфраструктурата итн., а Бугарија бараше во него да се опфатени и идентитетските прашања, но досега неговата содржина не е објавена.

Захариева: ЕУ не работи како Југославија

Завчера министерката Захариева му изразила принципиелна поддршка на Османи за евроинтегративниот процес, а вчера, пак, порача дека „Софија нема да подлегне на притисок“.

– Ниту една држава не може да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Македонија со ЕУ ако не се исполнети условите. ЕУ не работи како Југославија, таа работи поинаку и ние ѝ зборуваме за тоа на РС Македонија од 2019 година. Ниту една земја членка на ЕУ, ниту пак САД може во иднина да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ. Никој не може нам да ни наложи што да правиме во Унијата – изјави Захариева за Бугарската национална телевизија.

Таа истакна дека на средбата со Османи било разговарано за фактот дека нема напредок во Мешовитата комисија и нагласи дека има повлекување во однос на петте историски личности за кои Комисија веќе постигнала договор.

– Ова е еден од најголемите спорови. Ова се текстови што треба да бидат вклучени во учебниците. Изјавата дека Комисијата се согласила за средниот век, не е точна. Важно е да се продолжи дијалогот, важно е да имаме напредок таму каде што можеме – вели Захариева.

Таа информира дека на средбата со Османи разговарале за Акцискиот план, за кој македонските власти повеќепати истакнаа дека е во финална фаза. Според неа, треба да се постигне согласност за протокол со кој ќе се оценува имплементација на Договорот и протокол за отчет на Комисијата.

Според бугарското МНР, двајцата министри разговарале за билатералните односи, за европската перспектива на Македонија и за предизвиците во пандемијата со ковид-19.

„Министрите ја разгледаа заедничката работа за исполнување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 година. Бугарската страна посочи дека на идниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија треба да се направи целосен преглед на спроведувањето на Договорот, да се усвои годишен извештај за работата на Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања и да се посочат конкретни идни активности за соработка“, пишува во соопштението.

Земон: Шанса за исчекор по јуни

Според аналитичарите, Македонија во дадените околности нема друг избор освен да чека изборите во Бугарија да поминат, иако од Софија редовно нагласуваат дека од изборите не зависи ништо за прашањето со Македонија. Професорот Рубин Земон вели дека во бугарското предизборие нема услови за исчекор.

– Историската комисија треба да биде оставена да работи, а владите дотогаш да се посветат да го усвојат Акцискиот план. По изборите се очекува идната влада да не зависи од радикален елемент како партијата на Красимир Каракачанов – вели Земон за „Слободен печат“.

Тој не верува дека за време на португалското претседателство со ЕУ и на јунскиот самит нешто битно ќе се направи за македонските евроинтеграции.

– Технички не е можно. Само што ќе се формира владата, тоа ќе заврши. Поголема шанса имаме со словенечкото претседателство. Словенија ни е поблиска земја, таа е дел од овој простор и ги познава околностите. Во Словенија има многу научници, интелектуалци, кои добро го познаваат и повеќе го разбираат проблемот меѓу Македонија и Бугарија – вели Земон.

Министерот Османи завчера на Фејсбук напиша дека на враќање од Париз запрел во Софија и се сретнал со бугарската колешка.

„Разговаравме за секторска соработка и за подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент што произлегува од Договорот за добрососедство, веднаш по усогласување на Акцискиот план за секторска соработка“, наведе Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот