Нема договор од средбата на пазарџиите и Богдановиќ

Засега работите остануваат непроменети, но од Центар ја оставаат отворена можноста да се корегираат дел од одлуките, ако за тоа одлучат советниците од Советот на општината.

Пазарџиите ја добија бараната средба со градоначалникот на општина Центар, Саша Богданович, и директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, но договор не постигнаа. Тие останаа до нивните барања за намалување на цената за паркирање, односно враќање на цената од 40 денари за еден час. Покрај ова, пазарџиите од општината побараа да го реши проблемот со дивите трговци околу пазарот, да ја тргне забраната за влез на комбиња бидејќи им требаат за дотур на роба, и првиот час паркинг да е бесплатен или со симболична цена.

Засега работите остануваат непроменети, но од Центар ја оставаат отворена можноста да се корегираат дел од одлуките, ако за тоа одлучат советниците од Советот на општината. Барањата на пазарџиите до советот ќе ги достави Богдановиќ.

-Приоритет ни се граѓаните кои живеат тука. Подготвени сме да најдеме решение и не сакаме никого да оштетиме, туку напротив, сакаме да воведеме ред. Доставете ги писмено вашите барања во архивата на Општината, како би можел да ги разгледам и да ги предложам на следната седница на Совет на Општина Центар, изјави градоначалникот.

Од ПОЦ претходно за Слободен печат информираа дека нема да донесат одлука која што ќе им наштети на жителите на Центар, кои живеат во близина на пазарот.

– И ние како претпријатие, но и жителите на општина Центар се соочувавме со проблеми предизвикани од несовесна работа на дел од пазарџиите, кои влегуваа на паркингот со товарните возила и потоа незаконски продаваа од нив. Покрај проблем со паркирањето, граѓаните на Центар имаа и проблем со хигиената, поради нередот кој продавачите го оставаа зад себе. Затоа, како и секаде во светот, им оставивме можност за бесплатен влез на паркингот секој ден од 5 до 7 часот, за дотур на роба – рекоа од ПОЦ.

На состанокот, како што соопштија од Општина Центар,  присуствуваа претставници од трговците кои на градоначалникот и директорот им ги соопштија проблемите со кои се соочуваат со нелегалните продавачи на стока и роба на паркингот со кој стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар, како и со новите измени во поскапување на цените за паркирање на територијата на Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот