Нема добра вакцина против лоша организација

Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Мерката на Владата – во кафулиња и ресторани, доколку има повеќе од 30 гости, да може да влезат само вакцинирани, е повеќе од хаотична. Предлагачот не ја осмислил добро, тие што треба да ја спроведат како да паднале од Марс, па сега сите кажуваат нешто така што никој да не може да ги разбере.

Ако цената за спас на еден живот е никој никаде да не оди без тест за вакцинација, таа цена треба сите да ја платат, затоа што не постои ништо повредно од човечкиот живот. Но, факт е дека мерката за заштита на здравјето на населението, што ја смисли Владата, во кафулиња и во ресторани, доколку има повеќе од 30 гости, да може да влезат само вакцинирани, е повеќе од хаотична. Предлагачот не ја осмислил добро, тие што треба да ја спроведат како да паднале од Марс, па сега сите кажуваат нешто така што никој да не може да ги разбере.

Министерот за економија Крешник Бектеши под притисок на „тешките“ новинарски прашања се обиде да ја разјасни ситуацијата. Тој кажа дека ресторани и кафулиња, чиј капацитет е до 30 гости, немаат обврска да организираат редарска служба што на влезот ќе контролира дали има или нема некој потврда за вакцина. Во друга реченица, пак, објасни дека ресторанот, односно кафулето, ќе одговара ако некој влегол без потврда за вакцинација, а не невакцинираниот. Но, веќе во следната реченица Бектеши вели дека и во кафулињата со капацитет до 30 гости не смее да се влезе невакциниран, а бидејќи таму нема редари, контролата ќе ја прави Пазарниот инспекторат. Кого тогаш ќе казни Пазарниот инспекторат ако кафулето нема обврска да стави редари, а нема казна за гостите, туку за кафеаната?!

Од Пазарниот инспекторат велат дека чекаат инструкции што да прават. Директорката Анета Симеска Димоска вели дека целиот Пазарен инспекторат има 180 инспектори и дека веројатно ќе може да ги контролираат само поголемите прослави и свадби. Зошто е тогаш оваа врева за помали кафулиња, кога нема кој да контролира?

За волја на вистината, никој и не треба да контролира. Најголем контролор треба да биде свеста на секој граѓанин. Умре родилка од 29 години. Немала коморбидитети. Ја погреба својата младост, го зацрни своето семејство, остави едно дете без мајка… Еден татко пред камерите се тресеше додека зборуваше дека неговиот 32-годишен син е во болница. А, колку вакви судбини имаше? Умреа многу луѓе, ама свеста не проработе. Врвот на нечовечноста го покажаа двајца младенци, кои си ја одржаа закажаната свадба, иако биле позитивни на коронавирус.

Дефинитивно, во вакви услови, државата мора нешто да прави. Но, тоа што сега го прави е лош кризен менаџмент. Прво требаше јасно да ги осмисли новите рестрикции, да утврди дали е спроведлива мерката да се влегува во кафеана само со тест за вакцини, кој и со какви овластувања тоа ќе го контролира и тоа јасно да ѝ го објасни во јавноста. Не може стопанствениците и угостителите да не бидат консултирани пред да се донесе ваква мерка. А, ете, не беа. Не може Пазарниот инспекторат допрва да биде прашан за тоа како мерката ќе се спроведува. Не може да се остави во јавноста да виси недокажана реченицата „приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан“. Ако е како што се обиде онака конфузно да објасни Бектеши, тогаш Владата во своето соопштение требаше да напише поинаку.

Во меѓувреме, министерот за здравство Венко Филипче апелира администрацијата, како и вработените во приватниот сектор, да се мотивираат да бидат вакцинирани. Ај да видиме, како ќе влезат пратениците во Собранието откако ќе се вратат од одмор. Дали и за нив ќе важи потврда за вакцинација и дали и тие ќе бидат мотивирани. А и прославата на Рамковниот договор е државен тест за мотивираност и почитување на правилата. Најавени се 300 гости и ветено е дека ќе се прочитуваат протоколите

Видео на денот