Нема десно-лево кај претседателот Стево

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Многу реакции – од кои повеќето пофалби – предизвика првото годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието, во кое тој жестоко удри по судскиот систем, по организираниот криминал и корупцијата, како и по причините за масовно иселување на граѓаните од земјава.

По завршувањето на говорот, од власта се слушнаа само пофални зборови и убедувања дека Македонија конечно има натпартиски претседател, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Пендаровски сè уште не е излезен од чевлите на СДСМ. Пофалби пристигнаа и од албанските партии, кои истакнаа дека е рано да се оценува претседателот, но дека не може да се занемари фактот оти неговиот говор бил повеќе од коректен.

Според политичките аналитичари, пак, Пендаровски засега во многу сегменти се разликува од својот претходник Ѓорге Иванов, за кого, како што посочуваат експертите, департизацијата беше непознат поим. Најдобар пример за натпартиски шеф на државата, посочуваат експертите, претставува покојниот Борис Трајковски, кој, како што потсетуваат, во еден момент дури имаше поконкретен однос со тогашната опозиција отколку со владејачката партија чиј кандидат беше на изборите. Своевремено, додаваат познавачите, Пендаровски тогаш беше советник на Трајковски и очигледно извлекол некои вредни поуки за тоа како треба да се води држава.

Едни фалат, други кудат

По десет години послушник на режимот, државата е сведок на натпартиски говор на натпартиски претседател, велат од СДСМ и се согласуваат за голем дел од работите спомнати во обраќањето на Пендаровски.

– Со речникот на претседателот, СДСМ успеа со најбрзата обнова на институции во повоена Европа за само две и пол години да ја врати државата во нормала и да ја донесе на прагот на членство во НАТО и на отворањето преговори со ЕУ – истакна Хари Локвенец, пратеник од СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Пендаровски не гради мостови во поделеното општество и сè уште не е излезен од партискиот дрес.

– Слушнавме многу дијагнози, но не слушнавме лек. На Пендаровски очигледно му е многу покомотна улогата на портпарол на Владата и на СДСМ, бидејќи во неговиот говор преовладуваа оправдувања за лошите владини политики – обвини Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

За ДУИ говорот на Пендаровски беше коректен, тие се фокусираа врз делот за Законот за јазиците и апелираа до него да ја исполни процентуалната застапеност на малцинските групи во неговиот кабинет. И Алијанса за Албанците и БЕСА го поздравија обраќањето – за нив претседателот имал избалансиран настап, во кој ги опфатил сите отворeни прашања во државата.

Има разлика

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека настапот на претседателот Пендаровски не бил ништо посебно екстравагантен, но како што вели, токму поради својата нормалност тој е нешто посебно.

– Говорот на Пендаровски не е ништо посебно, не вади некои грандиозни идеи од ракав. И токму поради својата нормалност е нешто посебно. Не поради огромната разлика од претходникот Ѓорге Иванов, туку поради придржувањето до надлежностите на претседателот дадени во Уставот на државата, поради здраворазумното размислување, како и поради отсуството на улогата на „патер фамилијас“ во целиот настап. Ме бендиса говорот – вели Најчевска.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека претседателот Пендаровски се разликува од неговите претходници, особено од Ѓорге Иванов кој цела една деценија одработуваше партиска агенда.

– Пендаровски искрено се обидува да се постави како натпартиски претседател и дека нема партиска агенда. Тоа е драматично подобрување во споредба со неговиот претходник Ѓорге Иванов. Претходните претседатели Бранко Црвенковски, Борис Трајковски, па дури и Киро Глигоров, барем се обидуваа да немаат партиска агенда, но таа практика целосно ја напушти Иванов во неговите два мандата. За нас е добро да имаме претседател кој се труди да не биде постојано облечен во партиските бои. Во таа смисла, настапот на шефот на државата беше повеќе од одличен – објаснува Арсовски.

Пендаровски завчера го одржа своето прво годишно обраќање откако во мај годинава стапи на функцијата шеф на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот