Нема да го признаеме пописот ако Турците се помалку од седум отсто, вели Емин Хусрев

Емин Хусрев / фото: Фејсбук

Турската заедница во Македонија нема да го признае пописот, доколку по завршувањето на пописот и објавувањето на резултатите, бројот на граѓани кои се изјасниле како Турци изнесува помалку од седум отсто, изјави Емин Хусрев од координативното тело за попис на Турците во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77.

„Според анализите направени во март годинава, коишто се базираат на сознанија од терен, анализи, анкети направени од НВО, според избирачкиот список и анализите на Светска банка, анализи на ДЗС во врска со процентот на наталитетот на Турците, ние како заедница тогаш усвоивме декларација во која меѓу другото потенциравме дека нашата заедница не може да биде помалку од седум отсто и не признаваме бројка помала од овој процент“, рече Хусрев.

Тој наброја и неколку други забелешки за текот на пописот, како што е апликацијата која што е на турски, но одговорите се на македонски јазик. Тоа, според него, влевало сомнеж кај турската заедница дека резултатите ќе бидат релевантни. Тој реагираше и на бројот на попишувачи, велејќи дека требало да ги има 206, кои би биле задолжени за попишување на турската заедница. Во моментот фалеле околу 75 попишувачи. Хусрев најави дека ако надлежните не ги отстранат тие недостатоци, можно е и да го бојкотираат натамошниот тек на пописот.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, кој заедно со Хусрев беше гостин во на Канал 77, во врска со бројката која што ја очекува турската заедница, изјави дека треба да се остави пописот да заврши и да се видат резултатите.

Дај нека каже пописот колку сме и што сме, рече Симовски.

Во врска со апликацијата која што е на турски јазик, а одговорите на македонски, Симовски дека така е со апликациите за сите заедници.

Онаму каде што се користат податоци од базите, не можеме да ги преведуваме затоа што станува збор за огромни бази на податоци и одговорот доаѓа само на македонски јазик, додаде директорот на ДЗС.

Што се однесува до бројот на попишувачите, тоа е така, зошто толку и се пријавиле на објавениот оглас, кој наместо 10, траеше 40 дена.

Видео на денот