НЕЛОГИЧНОСТИ: Кога посвојувате дете треба да се поврзете со него, а платено отсуство нема за сите

Ако посвојувате бебе или дете кое е постаро од седум месеци тогаш Фондот за здравствено осигурување не го покрива отсуството од работа во периодот на адаптација, кој се случува пред да биде завршено посвојувањето. Според правната регулатива кај нас, во овој случај, отсуството треба да биде на товар на работодавецот, но бидејќи тоа тешко оди во пракса, посвоителите најчесто мора да земат неплатен одмор. Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека се подготвува целосно нов Закон за работни односи, но засега не може да кажат дали овој проблем ќе биде решен со законските измени.

– Водиме постапка за повојување на бебе кое веќе влегува во осмиот месец, а дали ќе го добиеме или не зависи од тоа како ќе помине периодот на адаптација. Многу се разочарав кога разбрав дека во тој период не ми следува боледување, како да се адаптираме и поврземе со бебето ако јас до пет часот сум на работа, а него треба да го чува некој друг. Бебето е толку мало што ни во градинка уште не го примаат – раскажува скопјанка која води постапка за посвојување.

Од Министерството за труд и социјална политика објансуваат дека користењето на породилното отсуство на посвоителите на детето е регулирано согласно Законот за семејство и Законот за работни односи. Согласно член 104-и од Законот за семејството, за времетраењето на сместувањето на детето во семејството на посвоителите, доколку детето е на возраст до седум месеци, посвоителот има право на породилно отсуство на тoвар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Доколку во семејството на посвоителите е сместено дете постаро од седум месеци, посвоителот има право на платено отсуство на товар на работодавачот за времетраењето на сместувањето. Родителите кои се заинтересирани за посвојување треба да го поминат периодот на адаптација во кој ќе се поврзат со детето и тој вообичаено трае од два до три месеци.

– Кога тече периодот на адаптација постапката за посвојување се уште не е завршена. Инаку откако ќе се стекне родителското право посвоителите имаат право на трудничко боледување како и биолошките родители – објаснуваат од ресорното министерство.

Согласно ставот 6 од член 165 од Законот за работни односи, работничка која посвојува дете има право на отсуство до наполнување на 9 месечна возраст на детето, а доколку посвоила 2 или повеќе деца, има право на отсуство 15 месеци.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот