Некои заминуваат, други се враќаат од изолација

Родители секој ден со страв ги пуштаат децата во градинка поради фактот што се зголемува бројот на новозаразени негувателки и воспитувачки. „Слободен печат“ ја провери состојбата во повеќе установи за згрижување деца и речиси од сите доби потврда за позитивни случаи на коронавирусот.

Од Mинистерството за труд и социјална политика смируваат дека состојбата во градинките е сè уште е под контрола, а здравствената состојба на децата и вработените во градинките што се позитивните е добра и не постои загриженост поради која би требало да се затворат објектите за прием на деца.

Расте бројот на позитивни 

Од повеќе градинки стигнуваат информации за деца што се во изолација поради присуство на коронавирусот кај вработените. Поради позитивниот тест кај една од негувателките од објектот „Кокиче“ во рамките на градинката „Росица“ во Ѓорче Петров 10 деца се во изолација.

– Една негувателка и групата во којашто е ангажирана се во изолација. Станува збор за група од 10 деца. И претходно имавме случаи на позитивни воспитувачки и негувателки поради што децата беа во изолација, но за среќа добро се заврши. Сега тие се вратија на работа, а и децата се во градинка, се надевам дека и овој пат сè ќе заврши без последици – ни рече директорката Маја Ристовска.

Прочитајте и...  Пратениците Мисовски и Зендели се избрани за потпретседатели на Собранието

Вакви појави има и во неколку други градинки. Во градинка со истото име, но во Општината Кисела Вода, има заразена воспитувачка. Десет дечиња од објектот „Кокиче“ се во изолација. Контактиран е Центарот за јавно здравје, постапено е по алгоритамот, известена е Општината и Министерството, дезинфициран е целиот простор.

– Нема простор за паника. Уште при првите симптоми, колешката остана дома и немаше контакт ниту со другите вработени ниту со децата. Свеста кај родителите е на високо ниво, имаат разбирање за состојбата и нема обвинувања упатени до наша адреса – рече директорката на градинката, Станка Баџакова.

Позитивна на вирусот е и негувателка во „Детска радост“ во Автокоманда, како и логопед во градинката „Мајски цвет“ во Карпош.

– По консултација со Центарот за јавно здравје Скопје, одлучено е никој да не оди во изолација, бидејќи вработената немала директен контакт со децата ниту со вработените. Таа работи сама во канцеларија, а во текот на работното време секогаш носела маска – ни одговорија од Општина Карпош.

Позитивна на коронавирусот е и хигиеничарка од градинката „13 Ноември“ во Центар. До нашата редакција стигна информација дека и во градинката „8 Март“ во Кисела Вода има случај на коронавирус, по што цела група е во изолација, но официјално не добивме потврда.

Прочитајте и...  ДСЗИ и наложи да директорката на клинката во Битола да обезбеди соодветен простор за починати пациенти

Од градинките во внатрешноста, заразена е негувателка од градинката „Димче Мирчев“ од Велес, воспитувачки од градинката „8 Март“ од Струга, потоа од „Детска радост“ од Гевгелија и од Гостивар, како и еден вработен од главната кујна на градинката „Вера Циривири Трена“ од Штип.

Шахпаска: Редовно се контролираат градинките

Во изолација се 482 деца и 77 вработени во градинките. Вкупната бројка на позитивни од 9 септември до завчера е 26 позитивни деца и 92 вработени кои не се само негуватели и воспитувачи, туку градинари, готвачки, хигиеничарки и друг персонал, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

– Уште со отворањето на градинките, на 9 септември ние бевме соочени со голем предизвик, затоа што, пред сѐ, најважно е здравјето на сите граѓани. Врвен приоритет е здравјето на децата кои посетуваат градинка. Ја следиме состојбата, правиме контроли, на дневно ниво добиваме извештаи за новопојавени позитивни случаи, како на вработени, така и на деца, и можеме да кажеме дека состојбата е сѐ уште под контрола. Тоа го велам затоа што бројот на деца што се позитивни во однос на сите деца што посетуваат градинка говори дека се почитуваат протоколите, здравствената состојба на децата и вработените е добра. Во јавноста ги коментираат бројките на лица што се во изолација, меѓутоа ако еден негувател е позитивен, повлекува во изолација најмалку 15 деца, како и неговиот колега од истата група. Затоа бројот на изолирани делува голем и граѓаните поставуваат вакви прашања кои се легитимни – рече Шахпаска.

Прочитајте и...  Барние: Карантинот заврши, вечерва продолжуваат разговорите за Брегзит

Одлуките за како ќе работат градинките ќе се носат врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, заедно со здравствените власти и Владата, додаде министерката. Таа нагласи дека здравствената состојба на позитивните деца и вработени во градинките е добра.

– Имаше само две хоспитализации, на едно дете и на еден вработен. Засега сите случаи се со блага клиничка слика. Голем дел излегуваат од изолација и се враќаат во градинките, како децата така и вработените – објасни министерката.

Според Шахпаска, во повеќе од 100 градинки е направен надзор дали се почитуваат протоколите, а се прават и вонредни контроли каде што инспекторите утврдиле дека не се почитуваат препораките.

– Врз основа на тие вонредни надзори се даваат насоки како да се отстранат недостатоците. Состојбата се следи непрекинато. И Државниот здравствен и санитарен инспекторат провери повеќе од 90 градинки – рече Шахпаска.

 

 

 

Поврзани вести

Кикиљас: Убеден сум дека повеќето граѓани ќе се вакцинираат против ковид-19

Слободен печат

Кина од 2021 година забранува увоз на цврст отпад

Слободен печат

Министерката Шахпаска за ковид состојбата во детските градинки: Под контрола е

Слободен печат

Сензорна соба за децата од градинката „Кочo Рацин“

Амазон ќе исплати 500 милиони долари во празнични бонуси за вработените

Слободен печат

Навални: ЕУ да не остане нема ако на било кој кандидат му се забрани учество на руските избори

Слободен печат

Остави Коментар

MacedonianAlbanianBulgarian