Некои прашања заслужуваат одговор

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Сè си мислам дека на некои персони што имаат име и презиме, им одговара оваа неизвесна и несредена состојба. Дали биле толку неуки и не знаеле дека ќе се случува тоа што се случува или, пак, им било полесно секојдневно да импортираат странска струја и секојдневно да им капе?

Што е политиката? Една од дефинициите која ми е најблиска е онаа: политиката е умешност да се предвиди можното. Или способноста со она што го имаш пред себе да предвидиш како ќе се одвиваат работите на подолг или пократок рок. Да планираш.

Политиката (особено пред избори) ни ветува разни работи – можни проекции, студии, планови, гаранции… и од убедливоста на нивната понуда зависи дали ние, гласачите, ќе ѝ подариме доверба на една или на друга понуда, на една или на друга опција. И тоа, благо речено, треба да биде – демократија!

Што очекувате од државата оличена во раководство на власт? Да ви овозможи мирен живот, што значи сигурност, прогрес, здравствена безбедност, солидно образование, ефикасен транспорт, сигурно снабдување со енергија, вработување со заработка која ќе овозможи да вложите во заедничката каса од која сето тоа ќе се финансира. За возврат, вие ќе го дадете гласот за нив и со тоа ќе им ја доверите на располагање таа заедничката каса, која вие и понатаму секојдневно ја полните со ваши пари. Кругот тука, се чини, е затворен. Сето тоа е работа на еден генерален консензус. Власта, пак, а тоа се оние што во моментот раководат со заедничката каса, мора да ги обезбедат сите неопходни услови за да функционираат наведените очекувања на граѓанинот.

Насетувате, верувам, дека повод за ваква базична ламентација се енергетските (не)прилики. Греењето попушта, иако поскапи, струјата поскапи (само за почеток) и никој не ветува дека ќе ја има доволно. Откако нè растурија од убедувања за неопхoдност за останување и за врзување со масовните системи на греење, граѓаните се повторно пред дилемата дали да се снаоѓаат со алтернативни видови, а тоа значи со дрва, а тоа пак е еднакво на додатно загадување.

Сега сме повторно на почетокот. Оној што ветил, не може да исполни. Оправдувањата се дека цените рипнале на светските берзи, дека ние немаме приклучок кон гасоводи што обезбедуваат дотур на гас… меѓу редови се  имплицира дека Русија не нè сака и нема да ни даде помали цени и доволни количества. Владата се менува, новата се токми и нешто ветува.

Па, добро, се прашувам, што сте правеле досега, кај се сите оние проекти што се влечкаат веќе четири-пет децении? Одговор на прашањето од милиони долари: што е со оние огромни хидроелектрани Чебрен и Галиште? Зошто пропаднаа сите тендери за нив? Што стана со гасификација на ТЕЦ Неготино? За тоа слушаме два-триесет години. Зошто РЕК Битола нема ископано доволно јаглен за да прави струја, иако со таа механизација за ископ се врзуваа матни евромилионски зделки, па се купи нова (зошто ако немало јаглен?). Се либерализираше пазарот со струја за да се средел. Се направи некоја транге-франге зделка со Макпетрол и со гасоводот, со цел да се средело снабдувањето. Гасоводот се копа низ целата земја еве веќе триесет години, ама гас – нема! Нема ни складирано, за не дај боже. А нема ни складишта. Тоа требаше да биде иднината, велеа! За евтина, а чиста енергија. А таа кога се прави кај нас била поевтина. Па, зошто не почнат да ја прават тука? Ако има за нов есцајг, има и за централи.

И сега одеднаш некоја луда цифра: 300 отсто поскапување!

Но, црвот работи. Сè си мислам дека на некои персони што имаат име и презиме, им одговара оваа неизвесна и несредена состојба. Дали биле толку неуки и не знаеле дека ќе се случува тоа што се случува или, пак, им било полесно секојдневно да импортираат странска струја и секојдневно да им капе. Ама тоа капење изгледа било штедро, па некои од нив успеале да се доближат до клубот на милијардери.

Не сум сигурен дека, на пример, со сета своја љубопитност, Заев не ги дознал и овие работи. Можел да си го праша доскорешниот вицепремиер Анѓушев. Па, нели тоа му беше работа пред да стане вицепремиер.

Ако не знаеле, толку полошо за нив. Или можеби целата конструкција на консензусот помеѓу граѓаните и политичарите околу поделбата на работите веќе не важи?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот