Некои печалбари не можат да ги користат платите од странство

Без проблем во нашите банки и во трговијата се вршат трансакциите со Виза и со Мастеркард. Наши сограѓани овде не можеле да си ги подигнат парите со картичка издадена во Италија и во Германија, додека американски картички поминуваат само во некои банки

Наши сограѓани што одат на сезонска работа во странство или, пак, таму се долго време печалбари, велат дека се изненадиле кога сфатиле дека во Македонија не можат да си ги користат платежните картички што им се издадени од земјите во кои се на работа. Во нашата редакција деновиве добивме дури неколку јавувања. Од банките велат дека постојат меѓународни платежни картички што вообичаено се прифаќаат насекаде во светот и дека и нашите банки се во тој систем. Без проблем се вршат трансакциите со Виза и со Мастеркард.

Наш сограѓанин вели дека бил непријатно изненаден кога банкоматот на Комерцијална банка „му ја лапнал“ картичката издадена од италијанска банка.

„Дојдов во Македонија, а во меѓувреме италијанскиот газда ми ја префрли платата. Отидов на овдешен банкомат да си ја подигнам, но наместо пари, банкоматот ми ја повлече картичката. Кога отидов на шалтер, во банката ми кажаа дека не може да ми ја вратат и дека е потребно да направам допис до италијанската банка, а таа пак треба да прати допис до македонската со известување дека картичката може да ми биде вратена. Додека бев во банката ми пријде една жена и ми рече дека и нејзиниот син го имал истиот проблем со картичка од Италија и дека морал да отпатува во странство за да си ги земе парите затоа што овде не успеал да си ја подигне платата“, вели нашиот соговорник.

Во Комерцијална банка велат дека на својата мрежа од банкомати и од ПОС- терминали се овозможува подигнување на готовина односно плаќање со сите картички од брендовите на Мастеркард и на Виза, без никакво ограничување во однос на трансакции што се овозможени преку мрежите на овие две институции.

„Генерално, во согласност со процедурите за извршување на трансакции со картички, барањето за одобрување на трансакција се проследува до банката издавач на картичката и таа го одобрува или го одбива барањето. Оттука, секој клиент најточна информација поврзана со одбиена трансакција може да добие во својата банка, онаа што е издавач на картичката што се користи. Банката на чии уреди се извршува трансакцијата не располага со податоци за состојбата на сметката, статусот на картичка или, пак, за адекватна идентификација на корисникот“, велат од банката.

Оттаму додаваат дека во однос на процедурата за враќање странски картички задржани на банкомати на Комерцијална банка, задржувањето на картичката најчесто е според одговор од Банката што ја издала картичката, па затоа е неопходно нејзина потврда дали картичката смее да биде вратена на клиентот.

„Ова е процедура што би требало да ја применува секоја банка на чии уреди се задржани картички издадени од други банки“, појаснија од Комерцијална банка.

Во време кога сезонските работници масовно се враќаат од работа во странство, според советите на банкарите, најдобро е да се информираат за тоа дали може да подигаат пари во нашите банки, или да вршат плаќања. Нашите печалбари дошле до сознанија дека некои картички од Германија поминуваат само во Европската Унија, а дека некои американски картички, пак, овде се прифаќаат од една банка, но не и од други банки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот