Некогаш тоа беше најдобрата професија на светот

Ерол Ризаов
Ерол Ризаов, аналитичар/ Фото: Дојче Веле

Списокот на злоделата за уништување на новинарството е трагично голем. Затоа сега плачењето по седлото на изгубениот тркачки коњ, ми изгледа трагикомично со соопштенијата во одбрана на професијата.

Славните писатели, нобеловците Габриел Гарсија Маркес, Албер Ками и Ернест Хемингвеј, тројцата врвни новинари, секој на свој начин се има искажано дека новинарството е најдобрата професија на светот. Маркес директно, не така одамна, со зборовите „новинарството е најдобрата професија на светот“ останувајќи до крајот од животот оддаден на новинарството. Албер Ками индиректно, но доволно јасно дека најважната работа во оваа професија е „секогаш да се биде сведок на страната на тие што страдаат од историјата, а не на тие што прават историја“. И Хемингвеј поучно: „Новинарството е најубавата работа ако навреме се напушти“.

Се разбира, тројцата големи писатели за овие тврдења даваат извонредни аргументи во своето новинарско и литерарно творештво. Тие што не го напуштиле навреме новинарството можат само носталгично да воздивнуваат соочени со катастрофалниот пад на угледот на професијата што ги губи сите битки со атрактивноста и интересноста на лагата и теориите на заговор, со политиката и центрите на моќ и со новото време кога веќе не е можно да се направи новинарски подвиг бидејќи по неколку минути ексклузивната вест е бајата, а авторот исплукан.

Уште потешко е за тие, пак, што почнуваат да газат боси по трње влегувајќи во професијата неподготвени за војна со најголемата нелојална конкуренција во светот кога секој е новинар што знае да го вклучи мобилниот телефон и може да напише што сака со читаност од илјадници луѓе. Но, сепак најтешко е во државите како нашата каде што колективниот начин на мислење е поважен од индивидуалниот, брутално игнорирајќи ја вистината дека секоја преобразба на општеството тргнува од поединецот. Општество, сѐ уште верува во сè што ќе се напише на бесконечниот ѕид, или како ја викаат социјалната мрежа. Така колективниот ум станува силна толпа што урива сè што има здрав разум.

Не е научена првата лекција во политика

Непосреден повод за овие редови на увод во темата е најновата ѓурултија што се крена со изјавата на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, со прозивката на телевизиите „Телма“ и „Алфа“ кои се посочени како „непријателски“ на неговата партија. Секако дека за осуда е секој вид прозивка на медиумите од позиција на сила, се разбира, и во овој случај.

Македонските политичари, освен неколку исклучоци, не ја научија и не ја прифатија една од првите лекции кога се влегува во политиката: бакнувај рака на повозрасна дама и не се карај со новинари. Напротив, прозивката на новинарите и на медиумските куќи како антипартиски, антидржавни, како збирштина на домашни и странски платеници и предавници, стана дел од партиската популистичка и патриотска кампања и стратегија која носи поени и повеќе гласови на изборите. Што повеќе набедени непријатели, толку повеќе реални гласови на изборите.

Без никаков обид или намера да го оправдувам Али Ахмети за својата изјава кон посочените медиуми, напротив секој ваков атак е за осуда. Сепак, неопходно да се признае дека ужасните работи кои се случуваа со македонските медиуми во целиот период на независноста, овој напад на Ахмети е мачкина кашлица во споредба со драматичното бескрупулозно уништување на македонските медиуми и на сведување на новинарството на компромитирана и корумпирана професија, во што свој удел имаат и самите новинари, кои удобно се сместија во скутот на политиката и ги направија најподлите измислици за своите колеги по диктат на партиските лидери и властодршци.

Списокот на злоделата за уништување на новинарството е трагично голем. Затоа сега плачењето по седлото на изгубениот тркачки коњ ми изгледа трагикомично со соопштенијата во одбрана на професијата.

Монструмите се уништуваат кога се мали

Првата искра на медиумската транзиција на која се смеевме беше во првите денови на повеќепартизмот кога во Охрид осамнаа партиски пресуди на смрт на новинари прогласени во тајните ќелии за народни предавници. Никој на тоа не обрна сериозно внимание. Повеќе служеше за потсмев, сосема оправдано, бидејќи тоа личеше на плашење мечка со дајре, отколку на некоја сериозна закана.

Но, ете, сега знаеме дека така почнуваат тие работи кога нема ефикасна законска заштита и жестока реакција на јавноста монструмите да се уништат во ембрионална фаза. Но, од тоа сознание речиси и да нема некаква корист, или поука, бидејќи монструмите толку пораснаа и станаа моќни што веќе никој ништо не им може. Па така по смешните пресуди на смрт започна притисокот за партизирање на медиумите, или нивно целосно уништување до затворање и преземање на нивниот имот.

На удар беа прво Македонската радио и телевизија, НИП „Нова Македонија“ и нејзините многубројни пишани изданија на македонски, албански и турски јазик. Се пропагираше дека станува збор за монополистичка привилегирана позиција за да прерасне во директен упад на Собранието на акционери во НИП „Нова Македонија“ и насилно преземање на најголемата новинска куќа во земјата и нејзино целосно уништување и ограбување. Првиот дневен весник во државата „Нова Македонија“ и „Вечер“ се маргинализирани, а другите изданија се изгаснати. Истата судбина ќе ја доживеат и првите приватни дневни весници и телевизиски куќи.

Историјата на А1 телевизија е позната и повеќепати повторувана. Влијателна медиумска куќа што е срамнета, што се вели, со земја со драконски пресуди од 120 години затворски казни на сопствениците божем за затајување даноци што не се ни спомнуваа додека се даваше поддршка на тогашната власт. Штом почнаа критиките, уследи полициска инвазија дотогаш невидена и нечуена на овие простори, напад на полициски одреди безмалку како пресметка со терористи. Згаснаа и пишаните изданија на истиот сопственик, дневните весници „Шпиц“ и „Време“.

Задоцнето ехо на страшните злосторства

Водечките, пак, дневни весници „Дневник“, „ Утрински весник“ и „ Вест“ на најголемата новинска куќа МПМ беа згаснати во еден ден веднаш по обидот за државен удар на 27 април 2017 година. Целиот тој период во ерата на „груевизмот“, медиумите беа изложени на најжестокиот притисок и директна партиска корупција.

Дебатите на истомисленици со премиерот Никола Груевски и неговото ковење во ѕвезди како политичар каква што немала Македонија и прогласување странски платеници, државни непријатели, предавници, соросоиди на новинарите што не мислат како власта и нивните медиумски апологети беше најтешкиот удар врз медиумските слободи. Познати се носителите на овие злодела и криминалот што е направен притоа, но никогаш не дојде до судска разврска.

Во тој период паднаа и првите затворски казни на новинари, од кои најеклатантен е случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој беше осуден на четиригодишна затворска казна за текст што нема никаква врска со мотивите за негово затварање, туку со заплашување на новинарите многу поразлично од охридските тајни пресуди на смрт. Повеќе не беше ни малку смешно.

Партискиот рекет врз влијателните медиуми и на познатите и успешни компании стана секојдневие кое направи пустош во медиумскиот и онака нерегуларен простор. Грубото и насилно преземање на телевизиите и на весниците ја измести перцепцијата во јавноста за професионалното и објективно новинарство. Македонија која 2006 – 2007 година беше на високото 34. место на светските ранг-листи за медиумски слободи, од кое не бевме задоволни, за десет години, поточно во 2016 година да стасаме до срамното 134. место во светот.

Сегашното подобрување некаде чинам на осумдесеттото место, во делумно слободните системи, е сè уште понижувачка состојба. Враќањето меѓу првите 30 земји во светот за медиумски слободи е недостижна работа бидејќи и немаме со што да се вратиме. Телевизиите и преостанатите дневни и неделни весници не можат да бидат економски независни, затоа и производството на сопствени програми е крајно осиромашено како никогаш досега.

Наместо да се најде праведно и непристрасно решение за помош од државата што е присутно во најдемократските држави, таа е укината со образложение да се спречи политичкото влијание врз медиумите, што оди во прилог на политиката за натамошна зависност на новинарството. Затоа лелекот по изјавата oна Али Ахмети повеќе го гледам како едно задоцнето ехо што на времето помина речиси безгласно кога се случуваа страшните злосторства врз новинарството чии последици ќе траат уште долго.

(Авторот е новинар)

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот