Некогаш сме биле еден народ

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па таму каде што пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник, испратен во 1903 година, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден. Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ.

Која е вистината, ме прашува на телефон новинарката на „Алсат-М“ телевизија: дека сите членки на ЕУ се зад нас или дека Бугарија може да нѐ блокира. Искуството од македонско-грчкиот спор нѐ учи дека може да биде точно и едното и другото. Имено, на почетокот од независноста сите држави членки беа зад нас, дури во еден момент ја дадоа Грција пред Европскиот суд поради трговските бариери кон нас, но ветото на оваа земја беше посилно од нивната поддршка и ја блокира нашата европска интеграција. Едноставно, така функционира ЕУ: одлуките за надворешнополитичките и безбедносните теми се носат со консензус. Дали тоа значи дека приказната со Грција ќе ни се повтори и со Бугарија на идентичен начин? Веројатно не на идентичен начин.

Имено, околностите се сменети, па треба да сме внимателни со историските аналогии. Македонија го има Преспанскиот договор, со кој експлицитно се потврдуваат македонската нација и јазик, нешто што бугарскиот парламент сѐ уште го проблематизира. Регионалниот распоред на сили е таков што Грција и Србија не сакаат ширење на бугарското влијание во Македонија и нејзина поделба на албанска и бугарска сфера. Втора битна разлика со грчкиот случај е што додека западната научна мисла на античка Македонија гледа како на дел од хеленскиот свет, таа одамна ја признава модерната македонска нација и нејзиниот јазик. Значи, Бугарија се соочува со колосалната задача да ја промени светската историографија, негирајќи го постоењето на современиот македонски јазик и современата македонска нација. Во тој потфат ризикува да заврши онака како што завршивме ние со нашиот обид светот да го убедиме дека сме директни потомци на античките Македонци.

Свесен за овој факт, претставникот на ГЕРБ во европскиот парламент веќе сега, на самиот почеток на потенцијалниот спор во институциите на ЕУ, го релативизира барањето на неговата земја со изјавата дека постои македонска нација и јазик. Колку далеку е спремна Бугарија да оди во инсистирањето на реализација на своите радикални барања зависи од процената за сопствената позиција во меѓународните односи. На почетокот од деведесеттите, во еден разговор со Лоренс Иглбергер, државен секретар на САД, во холот на конференциската сала во Хелсинки, тој можеше да ми каже дека Америка има влијание врз Бугарите, на кои им е сугерирано да стојат настрана од македонските проблеми. Но тоа беше една поинаква констелација на меѓународните односи во кои војните во Југославија беа централна тема, а Бугарија, тукушто излезена од Источниот блок, беше слаба држава.

Денес, како членка на НАТО и на ЕУ, Бугарија е во една сосема поинаква позиција. Консолидирана на внатрешен и на меѓународен план, Бугарија настојува да го прошири своето влијание во регионот. Државата успешно се интегрира во евроатлантските структури и ја има потребната самодоверба и потребните алатки во ЕУ да бара отстапки од Македонија (и од Албанија). Проблемот, ако може така да се каже, е што и Северна Македонија со Преспанскиот договор и со членството во НАТО ја зајакна својата меѓународна позиција и, следствено, позицијата на својата нација и јазик. Со таа новостекната самодоверба, смирено треба да реагираме на бугарските условувања за почеток на преговорите со Македонија. И треба сериозно да разговараме за спорот околу историјата која не можеме да ја промениме, но можеме да ја интерпретираме на начин кој од нас ќе направи најдобри пријатели.

Имено, зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па таму каде што пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник, испратен во 1903 година, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден. Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ. Тој народ, во залуден напор да избегне поделби и понижувања од соседните балкански држави што навалиле врз последната отоманската провинција во Европа, Македонија, спас побарал во, како што вели Крсте Мисирков, во идејата за „национален сепаратизам“ и создавање сопствена словенска нација. По бруталните балкански војни, тој статус на достоинство, да биде свој на свое, да се биде македонска нација со свој македонски јазик и своја македонска држава ѝ е понуден на генерацијата македонски партизани, дотогашни „Јужносрбијанци“, во идната југословенска федерација на рамноправни народи, во текот на Втората светска војна. Прифаќајќи ја таа идеја, со поддршка на другите југословенски народи, македонските партизани со пушка во рака и со човечки жртви ја реализираат својата замисла.

Разбирливо, во моментот кога се конституирала, македонската нација била свртена кон истражување на она што ја одвојува од бугарската, а такви елементи во историјата можат да се најдат секогаш кога локалпатриотизмот и грижата за својот дом во Македонија надвладувал над националната идеја на бугарската држава. Со тоа изобилува нашата историографија, но таквиот пристап не ја кажува целата вистина. Значи, некогашните методи за самоволна и невистинита селекција од страна на науката, како и на брутален однос кон сограѓани со бугарска национална свест од страна на политиката, денес се недопустливи. Објективната историска вистина и човековите права се аршинот на модерното време. Потребна е само волја да се погледне реално на сегашноста на два одделни народа со сопствени јазици, кои ги обединува заедничко минато, но и заедничка европска иднина. Двете страни треба овој приод да го препознаат како најрационален, најразумен, најевропски.

Инбокс7

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот