Нека биде ракометен спектакл: Исто желби во пораките од Битола и Скопје пред неделното дерби

фото: RK Vardar 1961

Во недела на 26-ти март се игра големото ракометно дерби помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер во рамките од 5-тото коло во плеј-офот од Суперлигата.

Дербито е од огромна важност во битката за титулата, двете екипи во овој момент имаат по 15 бодови на табелата. Натпреварот се игра во терминот од 18:00 часот, а програмата на „Комити“ ќе започне од 13:00 часот.

Пред овој натпревар и од двата табори се испраќаат пораки за се да помине во спортска атмосфера. Прво вардарци објавија обраќање во кое искажаа поддршка за битолската судиска двојка избрана за ова дерби, иако потенцираа дека досега правдата на нивните дерби натпревари ја делеле Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Пред неделното ракометно дерби со Еурофарм Пелистер, кое е најголемото ракометно ривалство во Македонија, и по делегирањето на официјалните лица на натпреварот ракометниот клуб Вардар сака да даде поддршка на спортскиот аспект на натпреварот

Вардар верува дека целиот меч ќе мине во крајно коректна и спортска атмосфера, и официјалните лица делегирани за овој меч ќе бидат на висината на својата задача, исто како и сите други учесници на мечот.

Македонија секогаш имала квалитетни судии, а меѓу нив се двојката Митревски – Тодоровски кои ќе бидат дел од нашиот ракометен дуел. Со своето знаење, искуство и интегритет многупати досега покажале дека се зрели за вакви натпревари. Ние ќе се обидеме да им овозможиме да имаат што е можно полесна задача.

На дерби средбите на кои играл Вардар секогаш правдата ја делеле најдобрите, најчесто Николов – Начевски, моментно најдобриот светски судиски пар. За нас никогаш не било важно кој ја дели правдата, и кој е делегат, и затоа сакаме да им дадеме целосна поддршка на официјалните лица и да им посакаме успешен натпревар, каде треба да победи моментно подобрата екипа.

Ќе се бориме за секоја топка и на секој сантиметар од теренот. Треба да победи спортот и ракометот. Од навивачите на двата тима очекуваме подеднакво спортско однесување на трибините, и заеднички да се направи вистинска ракометна фешта.

Ве очекуваме во недела во СЦ „Јане Сандански“, стои во обраќањето на Вардар.

Нешто подоцна со соопштение се огласи битолскиот клуб кој посака натпреварот да биде ракометен спектакл.

РК Еурофарм Пелистер како ракометен колектив секогаш ја промовира и негува идејата на спортско и фер однесување како основен постулат на своето функционирање. Цврстото убедување дека спортот и спортистите се тие кои што треба да се изборат за победите и титулите се темелот на градењето на нашиот спортски колектив. Ние како клуб секогаш сме ги почитувале и ќе ги почитуваме и другите актери на спортскиот терен (судии, делегати, официјални лица, контролори …). Секогаш и со огромен респект и целосна подршка застануваме зад секој избор кој од нив ќе биде избран да биде на терен. Во нашето ракометно првенство како ретко каде со гордост може да се пофалиме со квалитетни судии и делегати, вистински професионалци, кои покрај во националните натпревари се постојани актери и на голем број меѓународни клубски и репрезентативни натпревари. Нивниот квалитет и докажаност секогаш и пред секој натпревар кај нас го генерира чувството на спокој и неоптовареност од изборот кој од нив ќе биде избран да биде на терен. Истото тоа чувство го имаме и пред неделното ракометно дерби со РК Вардар 1961.

Нашиот фокус е целосно насочен само кон тоа колку е можно нашата екипа да биде подобро спремна за натпревар и преку спортско, фер и коректно однесување да ја оствари зацртаната цел. Делегираните судии и делегати за неделниот натпревар се меѓународно признати и почитувани професиналци кои ја имаат нашата целосна доверба и истите ја заслужуваат довербата од ракометната јавност. Во наше име, ние ветуваме максимално, коректно и спортско однесување и почит кон сите актери на спортскиот терен. Со нашето однесување на теренот и со однесувањето на играчите и тренерите на РК Вардар 1961 (убедени сме дека ќе биде коректно, спортски,фер и позитивно), сите заедно ќе придонесеме неделниот натпревар да биде вистински ракометен празник. Во тој ракометен празник треба да уживаат сите вистински љубители на ракометот. Љубителите на ракометот и навивачите кои ќе бидат во салата како и секогаш до сега, исто така ќе имаат една од главните улоги во ракометната претстава.

Што се однесува на навивачите, ние и во оваа прилика го искажуваме нашето цврсто убедување дека нивната улога ќе биде брилијантна, спортска, фер и коректна, незапамтена и непоимлива за други простори надвор од границите на нашата држава. Натпреварот во недела ги има сите можни предуслови за врвен ракометен спортски и фер натпревар и таков ќе биде. Нека победи подобриот, нека победи спортот/ракометот“, објавија битолчани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот