„Нејзините очи сè уште светат“: Тешкиот живот на Авганистанката чиј портрет го обиколи светот

Шарбат Гула
Шарбат Гула / Фото: EPA-EFE/Profimedia

Шарбат Гула за време на советската окупација на Авганистан ја напуштила својата татковина со нејзината баба, браќа и сестри и се упатила во соседен Пакистан каде што биле примени во еден бегалски камп.

Еден ден, кога Шарбат имала 12 години, фотографот Стив Мекари дошол во кампот. Тој ден направил стотици фотографии, но само една му била важна.

Онаа на која Шарбат, или како што подоцна стана позната како „Авганистанската девојка“, гледа директно во објективот на камерата. Фотографијата е направена во 1984 година, а завршила на насловната страница на „National Geographic“ во јуни 1985 година.

Шарбат Гула
Шарбат Гула / Фото: Profimedia

Мекари не го знаел идентитетот на девојката. Таа била една од неколкуте девојки кои тој ден посетувале настава во импровизираното училите. Не ѝ се допаднало тоа што ја фотографирал маж, а уште повеќе дека станувало збор за странец. Етничката група Паштун, на која припаѓа, не ги одобрува таквите работи.

Нејзиниот идентитет, и покрај бројните обиди на новинарите, остана тајна речиси 20 години. Дури некаде во 2002 година тимот предводен од Мекари успеа да ја најде во Авганистан, во близина на границата со Пакистан. Пред тоа неколку жени тврделе дека се тие, но фотографот никогаш не го заборавил пој поглед…

Гула на почетокот не сакала да се сретне со човекот кој ѝ донел светска слава, за која не ни знаела. Таа сметала дека е несоодветно, како муслиманка и паштунка, да го покажува своето лице пред мажи кои не се членови на нејзиното семејство.

„Не ми се допадна што ме фотографираше. Не знаев дека фотографијата го обиколила светот. Отпрвин бев лута, но подоцна ми кажаа дека фотографијата им помогнала на многу бегалци, па бев среќна“, изјавила 30-годишната Гула за време на средбата.

Стив Мекари
Стив Мекари со своите дела направени во различни периоди од животот / Фото: Profimedia

„Времето и тешкиот живот ѝ ја избришале младоста. Нејзината кожа личи на животинска. Сè на неа е променето. Всушност, само едно не е. Нејзините очи сè уште светат“, рекол Мекари по средбата.

Тимот на „National Geographic“, од благодарност, платил за лекување на еден член од нејзиното семејство и се согласи да ги плати трошоците за аџилак во Мека за целото семејство.
Од 13-годишна возраст била во договорен брак со Рахмат Гула. Таа родила пет деца, од кои едното починало веднаш по породувањето. Шарбат го загубила сопругот во 2012 година.

Таа живеела мирен и затскриен живот во Пакистан до 2014 година кога била уапсена и затворена поради фалсификување лична карта. По отслужувањето на 15-дневната затворска казна, решиле да ја депортираат во Авганистан и покрај бројните апели на меѓународните заедници.

Шарбат Гула
Шарбат Гула / Фото: EPA/HEDAYATULLAH AMID

Иако првично се плашела да се врати, тогашната авганистанска влада нејзе и на нејзините деца им дала стан за користење и им плаќала 700 долари месечно за трошоци.

Но, таа, не успеала да го пронашла својот мир во Авганистан. Талибанците дојдоа на власт во 2021 година и од страв за нивните животи, Гула решила повторно да се пушти во бегство. Таа била примена во Италија и добила статус на бегалец. Од минатата година се знае само „дека е на безедно и дека ќе ѝ се помогне со нејзината интеграција во италијанското општество“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот